Трет ден собраниска дебата за дополнетиот предлог-буџет за 2021
Во Собранието денеска треба да продолжи расправата по дополнетиот предлог буџет за 2021 година. Ова е трет ден. Расправата на пленарна седница трае најмногу пет работни дена, по што се гласа по предлогот.
Во дополнетиот предлог, што е пред пратениците, се содржани 18 амандмани прифатени во расправата пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.
Дополнетиот предлог буџет, според министерот за финансии Фатмир Бесими, е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.
– И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија, нагласи Бесими.
Дополнетиот предлог-буџет за опозицијата нема да ги даде очекуваните резултати. Нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст. Според опозицијата, ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци.
Пратениците од власта сметаат дека Буџетот е коректно поставен и треба да обезбеди ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст, но доколку пандемијата продолжи, тогаш, според нив, бројките ќе мора да се ревидираат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа