Три недели без вода се жители од кочанско

Три недели без вода за пиење во текот на денот се неколку стотини жители на кочанската населба Оризари, чии домови се наоѓаат во таканаречената висока зона за водоснабдување.

Причина за недостигот е дефект на дополнителниот цевковод со кој резервоарот за високиот дел од населбата се снабдува со вода од градската водоводна мрежа. Жителите упатија и јавен апел до надлежните во комуналното претпријатие „Водовод“ и до Општина Кочани да преземат мерки за отстранување на проблемот, но досега на терен нема никакви активности.

-Минатата година прекините во водоснабдувањето беа решени и во текот на летниот период немавме никакви проблеми. Оваа сезона, во сред лето, со порастот на дневните температури состојбата се влоши. Во текот на целиот ден, па дури и во доцните попладневни часови сме без вода за пиење. Се надеваме на разбирање и брзо решавање на проблемот, бидејќи со денешниве услови и технологија е срамно да има вакви недостатоци, истакнаа жителите од Оризари во јавниот повик што го објавија на социјалните мрежи.

Проблемот со водоснабдувањето беше актуелизиран и на последните две седници на Советот на Општина Кочани, за што имаше и советнички прашања, но одговорите што ги дадоа од локалната самоуправа не најавија брзо решение.

-Треба да се утврди причината за недостигот од вода за пиење во населбата Оризари, дали се работи за дефект или друг технички проблем. Мора прво да се види дали е потребно премостување на цевководот што е скинат или водата се губи на одредени други места. Потоа ќе се пристапи кон санирање, истакна Дејан Рашков, секретар на Општина Кочани.

Во меѓувреме, во „Водовод“ биле набавени потребните цевки и материјали за отстранување на дефектот на водоводната линија, но градежните работи сè уште не се почнати. Согледувајќи дека нормализирањето на водоснабдувањето нема да биде брзо, жителите на Оризари повторно апелираа до одговорните служби во комуналното претпријатие и во општината да преземат интензивни активности за отстранување на прекинот, со оглед на високите дневни температури и секојдневните потреби за вода за пиење.

20.07.2022 - 11:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега