Владата на Ковачевски „виси“ поради францускиот предлог

Францускиот предлог ги раскара владините партнери. Помалите коалициски партии во владејачкото мнозинство сега најавуваат дека ќе излезат од Владата ако премиерот Димитар Ковачевски го прифати францускиот предлог за одблокирање на бугарското вето за старт на преговорите со Европската унија.

Речиси во исто време ЛДП, ДОМ и Демократски сојуз испратија порака дека тој е неприфатлив.

Извршниот одбор на ЛДП одлучи партијата да бара од премиерот да го разгледа официјалниот предлог во Владата и во Собранието и за него да се отвори расправа.

-Ќе им бидат доставени сите суштински забелешки на ЛДП и ќе се борат во институциите да ги исполнат нашите барања и да ги заштитат интересите на Македонија. Ако не успееме во тоа, нашето учество во Владата е беспредметно. Притоа ги забележавме сите спорни точки од договорот кои кружат во јавноста, соопштуваат од партијата, велат од Либер-демократската партија.

Раководството на ДОМ едногласно донело став дека францускиот предлог е неприфатлив и Владата треба да го отфрли.

-Отворените прашања со Бугарија треба билатерално да се решаваат во добра волја, взаемна почит и согласно европските вредности. ДОМ останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не смее да се преговара. Сметаме дека овој предлог ќе го претвори пристапниот процес за членство на Македонија во ЕУ во бескрајна агонија и го доведува во неизвесност и самото започнување на преговорите. Доколку Владата го прифати овој т.н. француски предлог, ДОМ ќе ја напушти Владата и парламентарното мнозинство, велат од ДОМ.

Најава за напуштање на Владата доаѓа и од Демократски сојуз на Павле трајанов. Генерланиот секретар на партијата и актуелен заменик-министер за локална самоуправа, Зоран Димитриевски во гостување во Телма потврди дека ДС би можела да излезе од Владата доколку таа го прифати францускиот предлог.

– Кратко речено „да”. Затоа го охрабрувам премиерот утре или кога ќе оди во Брисел да каже „не” за овој предлог. Доколку каже „да” и доколу рамката помине и ја одржиме првата конференција со сликање, Демократскиот сојуз ќе ја напушти Владата, рече Димитриевски.

Тој вели дека како коалициски партнер немале никакви детали за предлогот, кој смета дека е најлош, освен во делот на јазикот.

Трите партии имаат вкупно четири пратеници во Собранието. Доколку тие ја напуштат владината коалиција, тоа значи дека Владата на Ковачевски ќе падне.

Претходно денеска и Народното Собранието на Бугарија изгласа недоверба на Владата на Кирил Петков.

22.06.2022 - 21:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега