ВМРО-ДПМНЕ: Власта тврдеше дека ќе го зголеми производството на струја, а сега увезува

„Додека цела Европа уште од почетокот на војната во Украина ги полнеше складиштата за гас, Влада на СДС единствена во цела Европа се коцкаше дека цените на гасот ќе паднат, па не склучи навремено договор со никого за набавка на гас. Сега имаме набавки за само по 15 дена, по исто така високи цени, и не знаеме уште дали дополнително ќе нѐ загадат со употреба на дизел гориво за топланите. Во исто време се фалеа дека државната ЕСМ оваа година ќе произведе електрична енергија за 25% повеќе од минатата година (која беше година со историски најниско производство), а сега увезуваме струја. Под образложение дека на странските пазари струјата била поефтина“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ посочи дека домашниот енергетски, како и севкупен, менаџмент потфрли.  

„Вчера кулминираше нивната контрадикторност. Според министерот за економија ТЕЦ Неготино не работи поради скапиот мазут, а не поради дефектот на генераторот, а самиот изјави дека„ Сега е поевтино да увеземе струја, отколку да работи ТЕЦ Неготино. Во моментот кога ќе биде спротивно, капацитетот веднаш ќе се вклучи во работа“.  Прво како веднаш, кога е расипан? И второ неговиот потчинет директор Ковачевски Васко на ЕСМ вчера изјави „Зголеменото домашно производство значи и намалена цена на домашно произведената електрична енергија“. Па Бектеши или Ковачевски е во право? Имаат ли стратегија? А притоа никој не го гледа фактот што со увоз на струја имаме поголем девизен одлив, отколку да увеземе мазут и домашно да произведеме струја. И да, ако домашно произведеме нѐ чини најефтино и ќе имаме поголема енергетска стабилност. Оваа иста влада планираше да ги затвори ТЕЦ Осломеј во 2023 година и РЕК Битола до 2027 година со Националниот План за енергија и клима којшто беше усвоен на владина седница на крајот на мај оваа година и имплементиран во договорот за заем од ЕБОР. Во буџетот за 2023 година, владата на СДС во сред најголема енергетска криза нема ништо за инвестиции во енергетска инфраструктура. Па која визија, која стратегија? Веќе не е смешно, оддамна стана жално. Особено за фирмите и населението кои плаќаат високи сметки, струја и висока инфлација“, велат од партијата.

17.11.2022 - 09:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега