Во кафана само вакцинирани - на митинг не ви треба вакцина

Предизборните настани на отворено не се организираат според протоколите, партиите не бараат сертификат за присуство, а не се знае ниту кој е надлежен за контрола. Со оглед на тоа што настаните се на јавен простор, од инспекторатите велат дека тоа не е нивна надлежност, анализира Сител.

Од Министерството за здравтво наместо конкретен одговор кој треба да врши контрола, само апел за почитување на протоколите.

„Министерството за здравство не е организатор на партиските митинзи. МЗ апелира до сите политички партии да ги почитуваат протоколите за заштита од Ковид 19“, велат од МЗ.

Дел од партиите тврдат дека ги почитуваат протоколите, некои прават само онлајн кампања, а некои не одговорија како ги организираат митинзите.

Од Твоја партија велат дека се одлучиле само за онлајн кампања и го осудија однесувањето на поголемите партии за масовни митинзи бидејќи според нив тоа е неодговорно за здравјето.

„Твоја партија не планира да прави масовни собирања и организирани митинзи. Во исклучителни случаи кога оценуваме дека е потребно да се одржи прес или настан, водиме сметка истиот да биде на широк отворен простор и со број на присутни кој не го надминува протоколот за одржување настани на отворено.“, велат од Твоја партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ги почитуваат протоколите.

„Одговорно тврдам дека она што најмногу ги интересира граѓаните на средбите и предизборниот карван вон понудата на ВМРО-ДПМНЕ, секако почитувајќи ги здравствените протоколи, е бегството од одговорност на Заев, Филипче и сиот режим за пожарот“, вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од БЕСА, пак, порачуваат дека им е најважно здравјето на граѓаните.

„Во полу затворени и затворени објекти нормално дека во соработка со редарските служби ќе бидеме внимателни да не има присуство на не вакцинирани граѓани, а во поголеми митинзи тоа ќе биде малку проблематично, но додатни мерки ќе се превземат секако со консултаци со експертите од таа областа во нашата партија“, велат од БЕСА.

И од ДОМ тврдат дека протоколите се почитуваат.

„Нашите предизборни активности главно се организираат со помал број присутни лица, на отворен простор, со одржување дистанца, согласно протоколите“, велат од ДОМ.

Според владината одлука, актуелните протоколи предвидуваат задолжителен Ковид документ за присуство на настани дури и на отворено.

„Се дозволува организирање и одржување на настани на отворено до 50% од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита од КОВИД-19, со поседување сертификат за примена најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена“, се предвидува во решението.

29.09.2021 - 22:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега