Вработени во штипска градинка се жалат дека нема да земат целосна плата

Вработени во детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Штип кои штрајкуваа реагирале до градоначалникот на Општина Штип дека овој месец ќе им се исплатат само придонесите, а не и целосна плата. Градоначалникот Иван Јорданов потврди дека вработените во оваа детска градинка реагирале и ги известиле и посочи дека централната власт не стои на зборот, бидејќи при разговорите со СОНК еден од договорените услови бил исплата на целосната плата.

-Разочаран сум, но не и изненаден од централната власт, којашто не бира механизам да се реваншира на своите граѓани. Апелирам до директорите на овие институции коишто се останати од претходната власт, бидејќи се уште нема промена на функциите во градинките, да бидат солидарни со нивните колеги, затоа што и тие произлегуваат од тој колектив. Да застанат рамо до рамо со своите колеги, затоа што тие се борат за основни права. Протестот е загарантирано право, а во едно време кога има инфлација на дневна основа, да се остават луѓе без приход е крајно несериозно и неодговорно од страна на вентралната власт, изјави Јорданов.

МИА побара и став од Софка Атанасова, директорката на детската градинка „Вера Циривири -Трена“-Штип. Таа вели дека овие информации се во доменот на шпекулации.

-Можам да кажам дека се шпекулации. Ние ги чекаме насоките од Министерството за труд и социјална политика и се уште немаме направено пресметки за платите на вработените. Ќе бидат направени кога ќе ги добиеме насоките, посочи Атанасова.

Во оваа детска градинка во Штип, која има четири објекти низ населбите, околу 60  отсто од вработените беа приклучени на штрајкот на СОНК.

06.05.2022 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега