Заев: Наместо конфликти сега веќе разговараме за економски напредок

„Овој Договор, потпишан на 13 август 2001 година ги постави темелите врз основа на кои, ние како новоформирана Влада во 2017 година го градиме нашето заедничко, Едно и Еднакво општество, вклучувајќи ги и почитувајќи ги подеднакво сите етнички идентитети и интереси на сите граѓани кои живеат овде“, порача премиерот Зоран Заев на одбележувањето на дваесетгодишнината од Охридскиот рамковен договор.

-Во 2017-ма година, нашиот приоритет беше да му дадеме „Живот“ на овој Договор, заокружувајќи го нормативниот дел којшто произлегуваше од Охридскиот рамковен договор и од Амандманот 5 од Уставот на Република Северна Македонија. Тогашната Влада, пред четири години, која политички и вредносно беше на нивото на актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше повеќе од една деценија и го донесе Законот за употребата на јазиците, заокружувајќи ги одредбите од Охридскиот рамковен договор, додаде премиерот.

Заев истакна дека Законот за употреба на јазиците е во рамките на Уставот и овозможува услови за спроведување едно заедничко општество за сите граѓани елиминирајќи ги условите за развивање национализми и обезбедувајќи напредок на државата, со почитување едни кон други, со уважување на правата и потребите на секој граѓанин и секоја заедница.

Создадовме граѓанска држава, посочи тој, со еднакви услови за сите кои живеат во неа.

– Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор се совпаѓа и со 30-годишнината од независноста на нашата земја и 80-годишнината од народното востание и 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како наш прв чекор кон остварување на нашата заедничка цел за членство во ЕУ, изјави Заев.

Сите заедници, додаде, треба да бидеме горди дека претставуваме позитивен пример од кој другите учат.

Охридскиот договор беше потпишан во партнерство со Европската Унија, Соединетите Американски Држави, НАТО и ОБСЕ, стави крај на конфликтот, кој за жал понесе и жртви, но од оваа дистанца, како што вели Заев, можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, кој подоцна го надградивме и унапредивме создавајќи заедница во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција, заедница во која граѓаните имаат исти или слични визии за подобро утре.

-Наместо конфликти, разговараме за унапредување за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи. Заедно со нашите соседи, создаваме „Отворен Балкан“, надминувајќи ги сите препреки и ослободувајќи ги сите идеи за слободно поврзување на сите наши граѓани, заклучи Заев.

Според него, почнувајќи од Охридскиот договор започнал и поттикот за постигнување на другите два договори, оној со Бугарија и Договорот од Преспа.

13.08.2021 - 12:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега