Заев: Со претседателот сме едномислени во одбраната на државните позиции и интереси за нашата иднина во ЕУ

За време на традиционалното, годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски оваа година, бевме сведоци на одговорен пристап во согласност со државните интереси и како придонес на нашите стратешки определби, напиша премиерот Зоран Заев на својот ФБ профил.

„Придонесот што претседателот Пендаровски го даде од аспект на борбата со коронавирусот и во период кога немавме функционално Собрание, го премости периодот до изборот на новата Влада, со што се создадоа и сите предуслови за решителен институционален одговор на здравствено-социјалната и економската криза.
Го поздравуваме фактот што со претседателот Пендаровски сме едномислени во однос на одбраната на државните позиции и интереси за нашата иднина во ЕУ, како и во пристапот за решенија за прашањата со Бугарија.
Од неговото обраќање е јасно дека делиме заеднички став и едногласност дека за македонските идентитетски прашања – јазикот и националната припадност како Македонци, нема преговори. Тие се потврдени и меѓународно признаени.
Се потврдува и нашето заедништво и благодарност и во однос на поддршката што ја добиваме од албанскиот и од сите други народи во нашата земја, за разбирањето за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет.
Тоа е силна потврда и на нашето заедничка чувство дека државата доби многу со членството во НАТО, но и силна поткрепа на нашата категорична определба дека полноправното членство во Европската Унија нема алтернатива.“ напиша Заев.
 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.12.2020 - 17:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега