Заев: Високо на Агендата на Владата е проширување на капацитетите за обезбедување услови за правилен детски развој од најрана возраст

Премиерот Заев заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шaхпаска и градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски присуствуваа на отворање на нова градинка, изградена по најсовремени стандарди во оваа Општина.

Во продолжение интегралниот текст од изјавата на премиерот Заев:

„Денеска сме дојдени во Ресен за убава работа. Отвораме нова градинка, изградена по најсовремени стандарди, за да биде место каде најмладите од Ресен, ќе поминуваат време исполнето со безгрижна игра и едукација.

Високо на агендата на Владата е да обезбеди услови за правилен детски развој од најрана возраст. Тоа е возможно да го постигнеме со проширување на капацитетите на градинките, со отворање нови на целата територија на нашата држава, но и со надградба на компетенциите на кадарот, кој има одговорна задача во процесот на градење на личноста на идните наши генерации.

Со таа цел, во периодот од 2017-та до 2020-та година отворивме и проширивме капацитети на 63 објекти низ целата држава. На овој начин обезбедено е згрижување на 3.386 деца.

Само во последните три месеци, отворени се пет нови градинки во Гостивар, Сарај, Илинден, Лозово, Брвеница, еве денеска и Ресен, со што е зголемен опфатот за 415 места.

До крајот на годината ќе се отворат и градинките во Куманово, Боговиње,  Босилово и с. Прдејци – Гевгелија  со што ќе се зголеми капацитетот за уште 189 деца.

Дополнително, Владата и Министерството за труд и социјална политика, е партнер и поддржувач и на иницијативите за приватни детски градинки, па затоа дадовме решение на 15 приватни градинки кои ги исполнуваат стандардите за работа.

Градинката Јаболче, што од денеска почнува со работа во Ресен, има капацитет да згрижи 102 деца, и на тој начин од една страна ќе придонесе кон квалитетен развој на овие деца, а од друга страна  претставува голема помош за родителите, кои можат да бидат спокојни додека ги извршуваат секојдневните работни обврски, знаејќи дека нивните најмили се на сигурно.

Ресенчани се сеќаваат каква руина беше овој објект. Сега е навистина задоволство да се види како прерасна во објект целосно адаптиран на потребите, а постигнат е и висок ефект во поглед на енергетски ефикасен објект, за кој за градежниот дел беа обезбедени 22,1 милион  денари и уште 6,8 милиони денари за опремување.

Пандемијата со Ковид-19, е предизвик со кој се соочуваме секојдневно во сите аспекти од нашето живеење. Отворањето и функционирањето на градинките во овој период беше сериозен процес, кој можам одговорно да кажам дека успеваме успешно да го менаџираме. Обезбеден е неопходниот кадар за нормално функционирање, се почитуваат сите протоколи и се прават редовни контроли и надзори. Уверен сум дека таков ќе биде случајот и тука.

Посакувам успешна работа на оваа градинка, постојано да биде полна со детски џагор и од овде да произлезат нашите идни научници, професори, писатели, доктори, со кои ние како држава ќе се гордееме“, кажа Заев.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.12.2020 - 15:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега