Западниот Балкан ќе биде приоритет за Франција, но неизвесно во која форма

Франција го презема кормилото на Европската Унија денеска и за следните шест месеци, и иако проширувањето на ЕУ останува табу тема за западноевропската јавност, за Северна Македонија и Албанија познавачите не исклучуваат напредок во процесот, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Приоритетите на Франција беа презентирани пред помалку од еден месец од страна на францускиот претседател, Емануел Макрон, на прес конференција во Париз. Зборот „проширување“ очекувано не беше споменат, но шефот на државата го смести Западниот Балкан заедно со Африка во неговите приоритети.

-Нема да можеме да изградиме Европа на мирот во следните 50 години ако го оставиме Западниот Балкан како што е денеска, изјави на 9 декември Макрон и истакна дека во јуни ќе организира Конференција за регионот.

Иако деталите за конференцијата не се познати, познавачите на политиката на проширување на ЕУ сметаат дека оваа изјава е сепак знак на смелост со оглед на општиот отпор на француската јавност кон проширувањето.

Како што објаснува за МИА француската новинарка специјализирана во политиката на проширување и заменик уредник на Агенција Европа,  говорот на Макрон за француското претседателство во делот за Западен Балкан е помалку амбициозен во споредба со почетокот на неговиот мандат, но е чекор напред.

-Тој сепак го спомена Западниот Балкан во своите приоритети, сметам дека е ова е добар знак, и дека со оглед на ситуацијата во регионот не смее ништо да не се направи, но ќе треба да се види што ќе биде и со внатрешната политика во Франција бидејќи има избори, објаснува Жесан.

Претседателските избори во Франција треба да се одржат во април, што значи дека голем дел од енергијата на земјата ќе биде насочена кон политичката кампања, а проширувањето е посебно чувствителна тема која би можела да им служи како оружје на ривалите на Емануел Макрон.

Валери Пекрес, кандидатката на десната партија „Републиканци“ и за сега најголема „опасност“ за Макрон според анкетите, отворено се изјасни против секакво проширување на ЕУ.

Таа пред еден месец изјави дека не само што ќе го стопира проширувањето на ЕУ, но додаде и дека ќе ги замрзне и фондовите за земјите од проширувањето. Иако таа ја спомена само Турција, според експертите е јасно дека употреба на „земји“ во множина јасно укажува дека таквата одлука би ја применила и на шесте земји од Западен Балкан. Впрочем, процесот со Турција е веќе замрзнат.

Жесан вели дека почеток на преговорите за време на француското претседателство, пред изборите, ќе биде веднаш злоупотребено од страна на другите кандидати во Франција, посебно доколку преговорите започнат со Албанија.

-Во француската имагинација има поголем проблем со Албанија, со неоправданите барања за азил, идеите за „албанска мафија“, во колективната имагинација во Франција, Албанија претставува поголем проблем, за Северна Македонија не толку, објаснува новинарката за МИА.

Ова би требало од една страна да значи дека барањата на Бугарија за одвојување на Северна Македонија и Албанија немаат речиси никаква шанса да поминат, и не само поради отпорот на Французите кон Албанија, но и поради тоа што министрите на ЕУ се свесни дека таква одлука би се косела со принципот на заслуга на кој ЕУ постојано инсистира.

Жесан, која од блиску ги следи министерските совети за проширувањето, вели дека многумина се изморени од бугарската блокада и загрижени за кредибилитетот на ЕУ посебно во однос на Северна Македонија од која се бараа огромни напори и сите се исполнети.

-Но оваа блокада овозможува да се блокира и Албанија и мислам дека Франција не е меѓу најразочараните што Албанија не напредува. Франција нема проблем со Северна Македонија, таа секогаш имала отпор кон Албанија, сепак не верувам дека би блокирала. Проблемот е што Бугарија толку долго сега блокира што е тешко да се знае што мислат точно другите земји, вели Жесан за МИА.

Блокада од Франција би била лошо перципирана и малку веројатна сепак, сега кога е усвоена новата методологија за преговори по барање на Франција и по модел на нејзиниот предлог речиси збор до збор.

Дополнително, објаснува новинарката, во ЕУ постои растечка свест дека влијанието на Унијата опаѓа во регионот, освестување кое станало акутно во моментот на дистрибуцијата на вакцините против Ковид-19 кога повеќето земји од Западен Балкан се свртеа кон Кина во недостиг на дози и неисполнети ветувања од ЕУ.

-Ми се чини дека во тој миг Европејците се освестија дека не се незаменливи, секогаш се враќа зборот „кредибилитет“ во разговорите и иако велат дека нема подобра алтернатива од ЕУ, има свест дека на луѓето може да им се смачи. А проевропското расположение паѓа и во самите земји членки на ЕУ, така што кога се игра со оган секогаш има ризик да се изгорите, и Балканот е сѐ уште регион под тензија, предупредува Жесан.

Чувствителноста на политичкиот момент во кој започнува француското претседателство е веројатно и главното објаснување зашто Макрон за време на презентацијата на приоритетите не го спомена зборот проширување.

01.01.2022 - 10:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега