Алиу: Се анализираат сомнителните кардиохируршки интервенции
Формирана е специјална комисија за разјаснување на сомнежите околу кардиохируршките интервенции. Министерот за здравство, Азир Алиу, во своето интервју за „Алсат-М“, соопшти дека комисијата веќе се состанала трипати и ги анализирала првите осум пријавени случаи, се наведува во денешното соопштение на Министерството за здравство, што МИА го објавува интегрално.
„На првиот состанок беше создадена методологијата на работа, а на следните состаноци ги анализиравме осумте случаи што ги имавме. Нема да дадам изјава сè додека не завршиме со анализата на секој случај,“ - изјави министерот Алиу.
Тој додаде дека финалниот извештај ќе биде објавен на официјалната веб-страница на Министерството за здравство, и дека покрај домашната комисија, во процесот се вклучени и тројца меѓународни експерти од Словенија, Италија и Австрија, кои се очекува физички да присуствуваат на следните состаноци.
„Извештајот на домашната комисија и оној на меѓународните експерти ќе послужат како основа за креирање на нови политики во областа на кардиологијата и кардиохирургијата. Задачата на комисијата е да ја прикаже реалноста - понатаму, надлежните институции ќе постапуваат согласно законот,“ - истакна министерот Алиу.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа