Арсовска: Осум столбови на мојата визија за Скопје

“Скопје мора да биде град чии врати нема да се затворени за скопјани. Второ, Скопје мора да биде дигитализиран град. Трето, Скопје мора да има многу повеќе зеленило. Четврто, Скопје мора да биде град со среден и функционален сообраќај. Петто, Скопје мора да биде град со многу културни настани и фестивали. Шесто, Скопје мора да ја врати солидарноста и хуманоста и да се посвети на своите граѓани. Седмо, Скопје да биде град на иднината, град на модерни услови за образование и град на квалитетен спорт. И осмо, Скопје мора да биде град за сите”, ги објасни Арсовска осумте столбови на визијата за Скопје и осумте принципи и цели на нејзината работа како следен градоначалник на Скопје на денешната прес конференција. 

Арсовска и детално ги објасни столбовите врз кои ќе ја гради визијата за Скопје и кои се произлезени од моменталните проблеми и недостатоци во функционирањето на градот.

“Отворен град значи да има 100% транспарентност и нула толеранција за корупција. Скопје мора да биде модерен европски град. Ќе има мотивирана администрација што ќе одговара навремено на барањата на граѓаните. Со отворена канцеларија за граѓаните која ќе работи 24 часа секој ден, службите во градот ќе бидат вистински сервис на граѓаните 24, како во делот на услугите од градот, така и во делот на брзо решавање на конкретни проблеми на терен. Нема да има никаква толеранција за корупцијата и непотизмот во Скопје, а како градоначалник ќе воспоставам Омбудсман за транспарентност и ќе воведам задолжителен ветинг на директорите на јавните претпријатија и раководители на сектори. За сите одлуки континуирано ќе соработуваме со урбаните и месните заедници, со општините, невладините организации, граѓанските иницијативи и директно, секојдневно со граѓаните”, објасни Арсовска.

Врз столбот Зелено Скопје ќе се заштити зеленилото и значително ќе се намали загадувањето. “Ќе се реализираат проекти за 5 нови мега паркови. Секоја година ќе бидат засадени 100 000 нови дрвја. Ќе иницираме заштита на Водно со закон. Ќе бидат воспоставени повеќе пешачки зони во општините, како и „зони за живеење“, каде што пешаците и велосипедистите ќе имаат приоритет пред автомобилите. Ќе ги исчистиме дивите депонии во првите 82 дена од мандатот. Ќе набавиме 250 еколошки автобуси и ќе го олесниме пристапот до јавниот превоз. Ќе работиме на конечна реализација на гасификацијата. Ќе се формира зелен совет со експерти за животна средина и невладиниот сектор каде ќе се разгледуваат сите прашања од областа екологијата и урбаниот хаос. Ќе се отвори и зелена линија каде граѓаните ќе може да пријават загадување и инциденти поврзани со животната средина, а инспекциските или интервентните тимови ќе преземат акција веднаш”, рече Арсовска.

Aрсовска ги дефинираше осумте столбови врз кои ќе ја гради визијата за Скопје како резултат на моменталната состојба во градот и повика на поддршка за да се подобри сегашната слика: “Градот Скопје не е политика, градот Скопје е наше секојдневие и тој може да биде поубаво место. Затоа ве повикувам, време е да се отпочне ново поглавје. На Скопје му треба промена. Бидете и вие дел од таа промена.”

14.10.2021 - 13:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега