Арсовска: Реализиравме и повеќе од ветеното за три месеци

 

Формирањето на Градски Еко Совет, предлог Закон за прогласување на Водно за заштитена парк шума, 24-часовна телефонска линија за комуникација со градската администрација, поевтин паркинг за скопјани, поставувањето на бројчаници на семафорите и пристапност на лицата со попреченост до сите градски институции, се само дел од активностите кои, како што изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција, се реализирани за првите 82 дена од нејзното раководење со градот.

Таа посочи дека се исчистени и над 150 диви депонии во Градот, од кои над 120 мапирани за време на изборната кампања. Арсовска истакна дека се воведени редовни ноќни линии на автобускиот превоз, особено за време на викендот, а покрај активирањето на ноќните линии, овозможени се нови линии до населени места на периферијата на градот.

Како еден од поважните чекори кои Арсовска вети дека ќе ги преземе е формирањето на Градски Еко Совет – Зелен совет во градот во соработка со невладиниот сектор. Овој Градски Еко Совет ќе работи во координација со програмата која Град Скопје ја има предвидено во однос на урбаното планирање на Градот, како и развивањето на нови зелени површини кои му се неопходни на градот Скопје.

– Градскиот Еко Совет ќе има советодавна улога и при најголем дел од активностите кои ќе се преземаат во насока на развивање на зелени површини во Скопје, истите ќе имаат можност да дадат свој предлог или сугестија до Градот, истакна таа.

Арсовска информираше дека е инициран и предлог Закон за прогласување на Водно за заштитена парк шума, во соработка со здруженијата „О2” и „Го сакам Водно”, а негова главна цел ќе биде заштита на Водно како зелен појас.

Таа дополни дека Град Скопје отвори 24-часовна телефонска линија во служба на граѓаните преку која остваруваат редовна и брза комуникација со градската администрација преку телефонскиот број 02 3207 536. Целта на оваа 24-часовна линија, како што информираше таа, е редовно да се одговара на поднесените писмени барања од граѓаните и барањата со кои се обраќаат до Градот Скопје за каков било проблем или предизвик.

Покрај 24-часовната телефонска линија, Град Скопје формираше и служба за брза реакција на повик на граѓаните.

– Назначени се одговорни лица од Градот кои секторски ќе одговараат на барањата на граѓаните и екипирана е служба за брзи реакции составена од претставници од сите јавни претпријатија во надлежност на градот кои ќе делуваат со цел брзо и ефикасно решавање на предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, потенцираше градоначалничката Арсовска.

Градоначалничката Арсовска истакна дека е реализирано и ветувањето за поевтин паркинг за скопјани, како и поставувањето на бројчаници на семафорите, со што поставени се бројчаници на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ на семафорите на крстосниците со „Натанаил Кучевишки“, „Боца Иванова“ и „Босна и Херцеговина“. Покрај поставувањето на бројчаниците, реализирано е и ветувањето за враќањето на зелениот бран на делниците во надлежност на Град Скопје.

Арсовска истакна дека по две години повторно е во функција жичницата до врвот на Водно, а во насока на олеснување на сообраќајот во оптек се пуштени и трите автобуски линии до Средно Водно и тоа 25, 25А и 25Б.

– Од моментот на почнување со работа на жичницата за само 1 месец ја имаат користено повеќе од 25 илјади посетители и ова е факт кој сам по себе говори за важноста на реактивирањето на жичницата, додаде Арсовска.

Во првите 82 дена од мандатот, рече Арсовска, исполнето е ветувањето за пристапност на лицата со попреченост до сите градски институции.

– Со реализација на ова ветување приспособен е пристапот за лицата со попреченост во девет јавни претпријатија, седум јавни и културни установи и во 23 средни училишта во градот Скопје, посочи таа.

Дополнително, секое лице кое во иднина ќе аплицира за одредена позиција или унапредување, претходно ќе мора да помине низ процесот на ветинг, се со цел луѓето кои ќе бидат поставени на важни раководни позиции да бидат со чисто минато и чесен пристап кон работата, додаде Арсовска.

Во насока на остварување на стратешките определби на Град Скопје за наредните четири години, Арсовска информираше дека е формиран Совет за поддршка на женско претприемништво како прв од ваков вид на ниво на Град Скопје.

– Советот обединува 25 организации и експерти од областа, кои ќе работат со цел овозможување услови за зголемено економско јакнење и финансиска независнот на жените. Советот ќе има за цел да работи во насока на зголемување на рамноправноста на жените во бизнис сферата, како и на вмрежување со голем број надворешни меѓународни организации, вели градоначалничката Арсовска.

Тимови кои што се составени од претставници на секторите на Град Скопје, како и претставници од Јавните претпријатија под Градот, формираа работна група што ги нотира и ги решава проблемите во заборавените населени места во градот Скопје.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсoвска, на денешната прес-конференција посочи дека парите на граѓаните нема да се трошат на прослави и кафеани и луксузирање од поединци, како и на тоа нема да се злоупотребуваат привилегиите.

Одговарајќи на новинарско прашање околу чистењето на дивата депонија во Шуто Оризари, Арсовска истакна дека ќе ги исчистат сите мапирани и детектирани диви депонии како и сите оние по допрен глас.

Таа најави дека на следната прес-конференција ќе започнат системски да ги објавуваат сите проекти кои ќе го променат Скопје и ќе го направат модерен град.

Во однос на галијата кај „Холидеј Ин“, таа посочи дека во својот мандат нема ништо да урива, а галијата ќе се отстрани согласно претходните налози на поранешниот градоначалник Петре Шилегов.

За приватните превозници и автобусите кои не ги задоволуваат еколошките стандарди, таа сподели дека верува оти во следниот период ќе се започне со транзиција на унапредување на она што е возен парк на приватните превозници со соодветна поддршка од Градот, а во однос на непродуктивни трошоци таа истакна дека за постапките за ревидираното недомаќинското работење ќе информираат наредните денови.

31.01.2022 - 14:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега