Биљана Ангелова: Политика треба да се тргне од образованието

Во пресрет на изборот на прв човек на најголемиот Универитет во Македонија, Универитетот Свети Кирил и Методиј, Прес 24 постави идентични прашања за сите шест канодати за иден Ректор. Низ одговорите на канидатите на прашањата, јавноста ќе може да изгради свој став за нивните ставови, размислувања, позиции и идеи.

Д-р Биљана Ангелова е редовен професор на Економскиот институт при Универзитетот  Свети Кирил и Методиј во Скопје.  Родена е во Скопје. Додипломски и последипломски студии завршила на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде и докторирала во 1999 година на Економскиот факултет.  Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.  Проректор е за финансии, инвестиции и развој на УКИМ (2016-2020)

ПРЕС24: Како го оценувате резвојот на Универзитетот  Св. Кирил и Методиј во последните три децении независност  на државата?

 

АНГЕЛОВА: УКИМ има повеќе од седум децениско постоење и е државотворен универзитет кој има стратешко значење за земјава. Тој бил и останува стожер на македонското високо образование. Последниве неколку децении за жал, УКИМ нема рамноправен партнер и поддржувач во државата. Високото образование и науката се постојано маргинален интерес на државата. Се чини како да не постои стратешка насока за развој на високото образование и науката и тоа негативно се рефлектира и на нашиот Универзитет. Треба да бидат донесени многу системски политики и мерки, да се воведат мерила и критериуми за финансирање на високото образование, да се „расчисти“ нелојалната конкуренција од разноразни универзитети и да се обезбеди целосна автономија на Универзитетот, без ограничувања кои го нарушуваат неговото функционирање

ПРЕС24: Дали УКИМ денеска го заслужува епитетот најдобар Универзитет во Македонија?

АНГЕЛОВА: Апсолутно, УКИМ нема конкуренција во ниту еден универзитет во земјава. Тој бил и останува најдобриот, најголем, најзначаен и најстар универзитет во земјава. Тоа е затоа што оние кои ќе се запишат на УКИМ добиваат знаење, најквалитетно високо образование, вработливост и респектабилна диплома.

ПРЕС24: На што се должи континуираниот пад на довербата и на се пониското рангирање на УКИМ на светските листи на универзитети?

АНГЕЛОВА: Рангирањето на универзитетите е комплексен процес, но најголема е одговорноста на универзитетите. Таа е во најголем дел резултат на научно-истражувачката продуктивност, но не само на тоа. Критериумите на меѓународните ранг листи се различни па дури и често се менуваат што ја отежнува споредливоста на резултатите. Вообичаено, освен бројот на објавени трудови во реномираните индексацики бази на Scopus и Web of Science, во индикаторите за рангирање влегуваат и вработливоста, видливоста, алумните и компаниите во кои се вработени и многу други критериуми. Рангирањето е важна работа и мора да се стремиме за повисок ранг на меѓународните ранг листи, но пред се ние треба да се стремиме во тоа да се подобруваме, да нудиме се поквалитетно образование, истражувања и подобри научни резултати и да испорачуваме знаење и трансфер на технологии кон стопанството, да ја зајакнеме соработката со бизнис секторот и да станеме значаен фактор на влијание во општеството.   

ПРЕС24: Кои според Вас се клучните пропусти направени изминатите три децении?

АНГЕЛОВА: Клучните системски пропусти се нарушената автономија, нелојалната конкуренција и непостоењето на мерила и критериуми за финансирање на високото образование. Наместо да добие привилегиран статус како најстар и државотворен универзитет во земјава, УКИМ е доведен во позиција да се справува со селективниот пристап на надлежните институции, каде во отсуство на критериуми за квалитет се отежнуваат неговиот раст и развој.

ПРЕС24: Дали политиката го деградираше образованието, или универзитетските професори политичари ја деградираа политиката?

АНГЕЛОВА: Алумните на УКИМ биле секогаш во врвот на политиката и биле одговорни за носење на многу политики, мерки, регулативи. Системските слабости рефлектираат неквалитет во образованието, немотивираност на наставниците, нарушена автономија, мали издвојувања за образование и наука а сето тоа рефлектира дерогирање на системот на вредности во општеството. Политиката треба да се тргне од образованието и да му го препушти на најкомпетентните а тоа се професорите кои ја имаат експертизата, искуството и желбата за промени кон подобро.

ПРЕС24: Исплатливо ли е да се биде Универзитетски професор? 

АНГЕЛОВА: Да се носи титулата универзитетски професор на УКИМ е чест за секој граѓанин на академската заедница во нашата земја. Платите во високото образование во Македонија кои се на историски најниско ниво го рушат дигнитетот на професорите, но љубовта кон оваа професија која е една од најблагородните ги прави професорите лојални кон институцијата и професијата.

ПРЕС24: Што за Вас, како иден Ректор е топ приоритет?

АНГЕЛОВА: УКИМ е исправен пред повеќе предизвици во различни сфери, кои секоја на свој начин придонесува за ефикасно функционирање на Универзитетот и за неговиот просперитет. Обезбедувањето на целосна финансиска и кадровска автономија во голема мерка ќе го олесни ефикасното функционирање на Универзитетот и затоа приоритетно ќе се заложам за нивно решавање. Но паралелно мора да се работи на инвестиции во научно-истражувачката инфраструктура и вмрежување на Универзитетот, бидејќи тие се клучни за поголема научно-истражувачка продуктивност и повисок на ранг на угледните светски универзитетски ранг листи. Истовремен со овие клучни активности, УКИМ ќе се трансформира и модернизира. Дигиталната трансформација и управување со квалитет ќе бидат нови процеси кои мора да се имплементираат за да се создаде поволна клима за реформи во наставата, науката и меѓународната мобилност.

ПРЕС24: Можни ли се реформи на високото образование и каков модел е најсоодветен?

АНГЕЛОВА: Реформи во високото образование се и можни и неопходни. Тоа е системско прашање, но мора да се решава и тоа час поскоро, бидејќи состојбите се алармантни. Генерално проблемите во високото образование во Македонија можеме да ги разгледуваме како проблеми во квалитетот на високото образование и проблеми со финансирање на високото образование. При тоа мора да имаме предвид дека подобрување на квалитетот на високото образование без реформи во начинот на финансирање нема да вроди со резултати. Поаѓајќи од искуството на ОЕЦД земјите во изминатата декада, како и од други странски искуства, потребно е да се воспостави адекватен модел на финансирање на високото образование кој треба да задоволи неколку принципи:  тесна координација со националните приоритети; да е базиран на перформанси;  да обезбедува објективност и транспарентност во процесот на алокација на средствата и критериумите за распределба на средствата; да обезбедува конзистентност и компатибилност меѓу различни финансиски инструменти; да е стабилен; да обезбедува институционална автономија и да е притоа отчетен и да обезбедува финансирање базирано на блок трансфери од Централно ниво до јавните универзитети, наместо сегашниот систем на детализирано и линиско трезорско работење.

ПРЕС24: Какви релации ќе градите со институциите на државната власт во однос на потребата од јакнење на инвестициите во научната сфера?

АНГЕЛОВА: Издвојувањата за наука во нашата држава се симболични и доколку сакаме да се постигнат очекуваните резултати, потребно е државата да стане партнер во реформите, бидејќи целта е заедничка. Мора да градиме партнерски релации со надлежните министерства а тоа се Министерството за образование и наука и Министерството за финансии за да можеме да функционираме на принципите на автономијата и да обезбедиме достоинствен однос на државата кон професорската фела. За да го постигнеме тоа, потребна е готовност на двете страни. УКИМ ја поседува и вољата и капацитетот, на потег се институциите кои упорно ќе ги анимирам за да ја постигнеме оваа цел.

22.05.2023 - 10:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега