(ФОТО) Русин осуден на затвор за антивоени објави, a ќерка му испратена во дом за сираци: „Тато, те сакам“

Дванаесетгодишната ќерка на Русин осуден на две години затвор поради антивоени објави на Интернет му напишала писмо од домот за сираци и му рекла: „Ќе победиме“.

„Знајте дека ќе победиме, дека победата ќе биде наша што и да се случи. Заедно сме, ние сме тим, вие сте најдобри“, му напишала Маша Москаљова на својот татко Алексеј. Писмото е објавено на барање на таткото, изјави неговиот адвокат Дмитриј Захватов.

Медиумите потсетуваат дека Алексеј Москаљов (54), самохран родител од градот Јефремов, е осуден на две години затвор поради дискредитација на руските вооружени сили, односно за коментари што ги објавил на Интернет, пишува „Гардијан“.

Неговата ќерка Марија (Маша), шестоодделенка, одбила да учествува на час по патриотизам во нејзиното училиште во април минатата година и направила неколку цртежи на часот по ликовно на кои се гледа како ракети летаат кон семејството кое стои под украинското знаме. Еден цртеж гласи: „Слава на Украина!“

Нејзиното училиште потоа повика полиција, која подоцна го посети семејниот дом и почна да ги истражува социјалните мрежи на Алексеј. Надлежните му кажале и на таткото дека на лош начин ја одгледал ќерка си.

Москаљов последователно беше казнет со 32.000 рубли (околу 415 долари) за објава на Интернет во која тој ги нарекува руските војници силувачи. Тој го објави ова по откривањето на наводните воени злосторства извршени врз цивили во Буча, Украина.

После тоа Алексеј завршил во домашен притвор и против него е покрената кривична постапка. Неговата ќерка била привремено испратена во дом за сираци. Алексеј не смеел ниту да разговара со неа на телефон.

Руските власти соопштија дека Алексеј Москаљов избегал од домашен притвор во текот на ноќта и не бил присутен на судењето. За време на притворот носел нараквица за следење, но успеал да ја симне пред да избега. Маша преку писмо му кажала на својот татко дека се е во ред со неа, дека многу го сака и дека знае дека тој не е виновен за ништо.

„Те сакам многу и знам дека не си виновен за ништо, јас сум секогаш со тебе и се што правиш е правилно. Се надевам, не, знам дека нема да се откажеш. Ти си силен, ние сме силни, ние може да направиме сè. Ќе се молам за тебе и за нас. Можам да кажам дека сум горда на мојот татко“, продолжи таа. Маша го завршува писмото со порака за мир и го нарекува својот татко херој.

29.03.2023 - 16:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега