Рокот поставен од Трамп наближува, а ЕУ се уште далеку од трговски договор со САД

 

Европската Унија сè уште не успеа да постигне напредок во трговските преговори со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, а рокот што го постави Белата куќа за нов договор истекува на 9 јули.

И покрај обидите во Вашингтон, преговарачите не успеале ни да се доближат до неформален компромис, па се размислува за продолжување на постојниот статус кво, за да се избегне автоматско зголемување на царините, соопштија денеска европски дипломати запознаени со преговорите, пренесува Хина.

Европската комисија денеска им соопшти на претставниците на земјите-членки дека верува оти САД се подготвени да ги „паузираат“ тековните тарифи за партнерите со кои постигнале првични договори, со можен поблаг тарифен режим или исклучоци подоцна.

Без прелиминарен договор, американските тарифи за поголемиот дел од увозот би се зголемиле од сегашните 10 проценти на стапката што Трамп ја одреди на 2 април. За ЕУ, таа е 20 проценти.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент најави дека ќе продолжи да преговара и за време на викендот. Трамп претходно веќе воведе 50 отсто царини за челик и алуминиум, 20 отсто за автомобили и 10 отсто за други производи од ЕУ.

ЕУ се согласи за пакет контрамерки во вредност од 21 милијарда евра, но не го спроведе. Исто така, разгледува и втор пакет, првично утврден на 95 милијарди евра. Тој сега е намален на 72 милијарди по лобирањето од некои земји-членки, изјавија дипломати, пренесува Хина. 

04.07.2025 - 21:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега