Францускиот предлог и денеска пред пратениците - дебатата продолжува

Во Собранието вчера започна дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека овој европски предлог за деблокирање на нашиот евроинтеграциски процес и за старт на преговорите на земјава со ЕУ на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции. Претходно, во обраќање пред пратениците, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека со прифаќање на предлогот земјава ќе направи уште еден чекор кон ЕУ и дека сега  е моментот да продолжиме напред „кон нашата заедничка иднина во ЕУ со Северна Македонија како полноправна членка“.

Премиерот Ковачевски пред пратениците порача дека со понудениот предлог, македонскиот јазик јасно се прецизира како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија.

– Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех, истакна премиерот, додавајќи дека сите билатерални прашања не се дел од Преговарачката рамка со Брисел и таа е ослободена од ваков тип на прашања.

Тој нагласи дека смета оти овој единствен европски предлог е најдоброто можно решение во моментов, но и во следниот период, кој ги задржува црвените линии и во исто време дава конечно почеток на преговори.

– Добиваме конечно, по 17 години чекање, и многу најави, и многу разочарувања по нив, официјален почеток на преговорите со средба на целата Влада со Европската Комисија. Со сите нишани и стандарди. Е тоа е, почитувани пратеници, единствената вистина во оваа олуја на манипулации, шпекулации, лажни вести и намерни и ненамерни штети и креирање криза и дестабилизација на државата. На ваков предлог, кој целосно ги отсликува нашите државни интереси и црвени линии, јас, Владата и претседателот на државата, кажав и кажавме ДА, потенцира Ковачевски.

Тој истакна дека и досега имавме тешки, но нужни одлуки и кога ги носевме Рамковниот и Преспанскиот договор и по нив државата опстои, не пропадна, не се подели, туку напротив влезе во НАТО.

 

15.07.2022 - 09:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега