Јанушев до Џафери: До вечер чекам извинување
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, очекува од собранискиот спикер, Талат Џафери, извинување по инцидентите во Собранието.
„До 20 часот вечерва за кога е закажано продолжувањето на седницата за избор на нова в.д. Влада, каде што сум пријавен за прв говорник, од Талат Џафери очекувам извинување“, напиша Јанушев на социјалните мрежи.
Претходно, Јанушев од собраниската говорница му читаше на премиерот Димитар Ковачевски вести, кои се најактуелни во медиумите, меѓу кои беше и веста дека синот на собранискиот спикер Талат Џафери, без правосуден, се запишал на Академијата за обвинители. На ова реагира Џафери по што дојде до караница, високи тонови, меѓусебни навреди.
„Игоре Јанушев, на синот на Талат Џафери не можеш да му дојдеш ни до малиот прст. Прво, до малиот прст не можеш да дојдеш. Слушај сега, на синот на Талат Џафери ни ти ни многу од вас тука не можете да му дојдете ни до малиот прст. Второ, синот на Талат Џафери не се шета по судници. Синот на Талат Џафери не можеш да го видиш дрогиран“, рече Џафери.
На говорницата се врати Јанушев, кој му рече: „Вести читав! Ако имаш нешто да ми кажеш излези да реплицираш“, а Џафери му врати: „Оди таму, не ми читај мене, оди таму“.
Координаторот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ излезе за да го тргне Јанушев од говорницата.
ВМРО-ДПМНЕ по настанот порача дека Џафери треба да сфати оти не е во шума или ливада, туку по сила на околностите станал претседател на Собранието.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа