Кривичен суд: Одложено судењето за предметот „Адитив“
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека главната расправа за предметот „Адитив“ закажана за утре се отповикува.
Причината за одложувањето е одобрувањето на обвинителниот акт против Б.Н., како продолжение на истрагата, како и предлогот за спојување на обвиненијата.
- Со оглед да обвинителниот акт со КОК ООА 47/25, кој претставува продолжение на истрагата за конкретниот предмет, беше одобрен и доставен до судечкиот совет во текот на денешниот ден, како што и информиравме во претходното соопштение, а со кој предлог обвинителството воедно има доставено и предлог за спојување на двете постапки, заради економичност и ефикасност на постапката, а како и не би се направиле непотребни трошоци за спровод на дел од обвинетите, потребно е време советот да се запознае со списите од предметот, како и произнесувањето на одбраната во однос на истото, и да одлучи по предлогот за спојување, стои во соопштението.
Судењето ќе продолжи на следниот утврден термин - 2 септември 2025 година, во 10 часот, во судницата на КПУ Идризово.
Предметот „Адитив“ е поврзан со злоупотреби во државната компанија ЕСМ и фиктивни тендери вредни милиони евра.
Истрагата опфаќа над 30 лица, меѓу кои и поранешни директори и функционери, а обвиненијата вклучуваат злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, перење пари и оддавање службена тајна.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа