Матеј се спуштил до Сава за да почека некој да го земе - поранешен полициски началник го открил клучот за решението на истрагата

Пензионираниот полициски полковник Миле Новаковиќ (69) наведува дека случајот со исчезнувањето на Матеј Периш (27) од Сплит е еден од најтешките и најкомплицираните случаи што ги видел во текот на неговата кариера.

Новаковиќ во својата 30-годишна кариера бил на чело на криминалистичката полиција. Ја предводел полициската оперативна група „Поскок“, која во 2000-та година уапсила членови на земунскиот клан. Тој бил и еден од водечките оперативци во полициската акција „Сабја“ во 2003-та година, која следела по атентатот на премиерот Зоран Ѓинѓиќ. Поминал низ сè, но во случајот со исчезнувањето на Матеј Периш многу работи не му се јасни.

„Не го следам активно случајот бидејќи ги немам информациите што ги добивав додека бев началник. Не знам што да ви кажам освен дека треба да почекаме. Мислам дека моите колеги полицајци немаат друга опција освен да го бараат момчето во реката и да чекаат да се зголеми температурата на водата и да се обидат да го најдат телото“, изјавил Новаковиќ за хрватските медиуми.

Тој додава дека реката е брза и студена и дека не е невозможно да се најде телото ниту кај Џердап (Национален парк).

„Нема да го погребам момчето, но ништо друго не можам да заклучам по толку денови интензивна потрага. На таткото на Матеј Периш не му треба никаква детективска агенција или некои приватни истражители за да ја забрза или дознае вистината, бидејќи во случајот со исчезнувањето на неговиот син се прават сите напори и целта на државата Србија е успешно да ја заврши потрагата. Да не грешам душа, не знам што сè утврдиле моите колеги, ниту пак сакам да солам памет дополнително, но клучот за разрешување на мистеријата се контактите на Периш во Белград и неговите пријатели со кои дошол и останал овде“, вели Новаковиќ кој сега има детективска агенција.

Тој наведува дека сè уште не се одговорени многу прашања.

„Најлесно е да се каже дека Матеј бил издрогиран, но зарем не би биле дрогирани и оние кои биле на маса со него таа вечер? А сепак, неговото трчање не е целно, туку бесцелно и можно е да бил дрогиран, дури и многу е сигурно. Не ми е вообичаено однесување некој да излезе на ова ладно време со маица, да трча напред, па да се врати. До денеска не знаеме што го предизвикало тоа. Дали отишол да види со некого затоа што имал договор? Дали отишол да купи нешто, па имал намера да се врати во ноќниот клуб? Тоа сè уште не е разјаснето. Можеби се спуштал по скалите кон Сава за да почека некој да дојде со глисер или некое друго пловило да го земе или тој да дочека некого или да земе нешто. Не знам. Навистина. Би сакал тоа да го знаат моите колеги и сигурен сум дека ќе го утврдат тоа. И тешко ми е да кажам зошто сè оди толку бавно“, изјавил Новаковиќ.

Поранешниот полковник на МУП смета дека исчезнувањето било доцна пријавено.

„Нема да навлегувам во тоа кога пријателите го пријавиле за исчезнат, но многу ми е чудно што реагирале дури кога заминале од 'Готик' во изнајмениот стан. Поминале неколку часа во кои не се запрашале: 'Па, каде е мојот пријател?' Ако отишол со девојка... Знам за жените и тие шеми, но колку што сум запознаен, тоа секогаш им се кажува на пријателите. Можеби не со кого се оди, но каде се оди, на која адреса, тоа е сигурно“, заклучува Новаковиќ.

За потсетување, младиот Матеј Периш од Сплит исчезнал во Белград ноќта меѓу 30-ти и 31-ви декември. Периш од сосема непознати причини околу 1:20 часот по полноќ истрчал од клубот „Готик“ каде бил со другарите и оттогаш му се губи секоја трага.

19.01.2022 - 15:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега