Нешто помалку од 1.600 хектари изгореле во пожарот во близина на Атина
Во пожарот во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина што избувна во петокот, а едно лице го изгуби животот, изгорела површина од 1.580 хектари според податоците од службата Коперникус на Европската Унија, јави дописничката на МИА од Атина.
Најголем дел од изгорената површина е простор со трева и грмушки, околу 1.100 хектари, а 250 хектари е земјоделска површина.
Пожарот беше во непосредна близина на Националниот парк Сунио, меѓутоа пожарникарите успеаја да ги ограничат огнените јазици да не се прошират кон паркот.
Поради силниот ветер што достигна и до 90 километри на час, пожарот што избувна во петокот околу 14 часот, брзо се прошири на голема површина, а беа евакуирани жителите на низа населени места што се во близина, како и еден Дом за стари лица, додека пак вчера, нешто помалку од 24 часа подоцна беше целосно изгасен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа