Јанкулоска се сретна со нејзиниот колега од германската покраина Бранденбург, Холцшуер

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска имаше средба со првиот човек на полицијата на Сојузната германска покраина Бранденбург, Ралф Холцшуер, кој учествува на 12-тите по ред „Охридски разговори“, што деновиве се одржуваат во Охрид.

На средбата двајцата министри ја потврдиле успешноста на процесот на т.н. „Охридски разговори“, притоа согласуувајќи се дека оваа традиција на одржување заеднички стручни конференции од овој вид треба да продолжи и понатаму.

МВР денеска соопшти дека заеднички било заклучено дека од самиот почеток на „Охридските разговори“ во 2005 година, двете министерства имаат постигнато значаен напредок во меѓусебната комуникација и соработка, а несебичното споделувањето на искуствата од своето работење што ги нуди МВР на Бранденбург, е од особена важност во спроведувањето на реформите во македонската полиција и останатите институции за спроведување на законот.

Министерката Јанкулоска посочила дека овие разговори претставуваат одлична можност за размена на искуства меѓу претставниците од двете земји, особено што оваа година темите за разговор биле проширени и надвор од надлежностите на МВР, па токму заради тоа биле повикани претставници и од Управата за финансиско разузнавање, Министерството за информатичко општество, од Агенцијата за електронски комуникации како и претставници од високо-образовните институции, кои имале свои излагања во областа на недозволените финансиски трансакции, справувањето со компјутерскиот криминал, како и справување со можноста за ширење на тероризмот на Балканот, со посебен осврт на Македонија.

Следниот, 13-ти циклус Охридски разговори треба да се одржи за две години во Потсдам, Бранденбург.

09.07.2014 - 17:40
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа