„Влен“ ги повика надлежните институции да постапат откако Управниот суд ја прифати нивната жалба за гласањето во Липково


Валбон Лимани од коалицијата „Вреди“ на денешната прес-конференција побара надлежните органи да постапат за, како што рече, кражбата на гласови на гласачкото место во Липково откако Управниот суд ја прифатил нивната жалба.

Лимани соопшти дека Управниот суд вчера ја прифатил жалбата на коалицијата „Вреди“ за гласачкото место 1112/1 во Липково каде што, како што рече, имало полнење на кутии од страна на блиски луѓе на носителот на листа на ДУИ.

-Во судската одлука стои дека - тужбата на кандидатот за претседателските избори во 2024 Арбен Таравари е прифатена. Решението на ДИК се преиначува и пресудува жалбата поднесена од страна на Арбен Таравари од Гостивар кандидат за претседател на претседателските избори 2024 преку овластениот застапник Абдули во врска со постапката за гласање, собирање и утврдување на резултатите од гласањето во Избирачкото место 1112/1 во општина Липково според листите за претседателски кандидат за 2024 се прифаќа. Резултатите од организирањето на гласањето во избирачкото место 1112/1 во општина Липково според листите за претседателски кандидати од претседателските избори 2024 се поништува, рече Лимани читајќи ја одлуката од Управниот суд.

Со ова, како што нагласи Лимани, се докажува изборниот инженеринг на ДУИ за претседателските избори на 24 април.

Одговарајќи на новинарско прашање, Лимани рече дека нивната коалиција ќе ги повика граѓаните да излезат на гласање за вториот круг од претседателските и првиот круг од парламентарните избори на 8 мај.

- Правото на глас е право што секој граѓанин на нашата држава треба да го искористи без разлика дали му се допаѓа или не некој кандидат. Ниту една коалиција, ниту политичка партија не ги има во својот џеб гласовите и гласачите. Ние го цениме избирачкото право, дури и на нашите гласачи кои гласаа за Вреди во првиот круг на претседателските избори. Органите на коалицијата ќе заседаваат и ќе се излезе со јасен став. Меѓутоа, пак ќе повторам дека пред се е правото на избор на нашите гласачи кои гласаа за коалицијата „Влен“ во првиот круг, рече Лимани.

Коментирајќи ја денешната изјава на Бујар Османи од коалицијата „Европски фронт“ дека инсистира ДУИ да биде во влада независно какви ќе бидат резултатите, Лиманирече дека нивната коалиција прво ќе чека да завршат изборите на 8 мај, па потоа со работните групи на мандатарот ќе седнат на преговарачка маса.

- Општо познато е дека главната цел на ДУИ е секогаш власта, меѓутоа, по парламентарните избори на 8 мај, нашите работни групи со работните групи на мандатарот или пак на победничката партија во македонскиот блок ќе седнат и ќе се договорат околу наредната влада. Јас велам да почекаме до 8 мај, да се видиме резултатите. Згора на се никој не може да се повика на победа или на пораз, затоа што имаме две различни ситуации каде што едниот блок е заедно со сите други етникуми, додека во нашиот блок „Влен“ има само четири партии од еден етникум и никој не може да каже точно кој колку гласови добил за да има легитимитет да направи влада. Мислам дека на 8 мај граѓаните ќе го кажат своето и после тоа ќе ја имаме и новата влада, рече Лимани. 

02.05.2024 - 13:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега