Две домашни месни индустрии во своите производи ја имале бактеријата која уби 3 лица

Надлежните институции во Македонија се сомневаат дека опасната бактерија листерија, која уби три лица, од кои едно е новороденче, а седуммина други се во тешка здравствена состојба, ја имало во производите на две домашни месни индустрии, јавува „Нетпрес“ повикувајќи се на добро информирани извори.

Информацијата која ја објави Институтот за јавно здравје, за присуство на оваа смртоносна заразна бактерија, од која најчесто заболуваат постари лица, трудници, новородениња и лица со нарушен имунитет, ја вознемири јавноста во земјава.

Анализите, кои покажале позитивни резултати за присуство на бактеријата, биле направени во лабораториите на Институтот за јавно здравје и на Ветеринарниот факултет.

Од Институтот одбиле да ја потврдат информацијата за името на двете домашни месни производители, кај кои била најдена бактеријата, со образложение дека анализите се’ уште се во тек, а конечните резултати би се знаеле в петок.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски за Нетпрес вели дека во анализите на мостри кои редовно ги прават на домашни и увозни производи, засега не е најдена оваа бактерија.

Бактеријата листерија е многу распространета во природата, оосбено во земја. Од неа заболуват најчесто животни кои живеат во стада, како што се овци говеда, свињи, живина. Луѓето најчесто заболуваат со внесување на недоволно термички обработена храна  која доаѓа од заболено животно или е загадена од нивниот измет (млеко, млечни и месни производи, риба, живинско и говедско месо, зеленчук).

Новороденчињата се заразуваат интраутерино (трансплацентарно или додека минува низ вагиналниот канал).

Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени целзиусови).

22.07.2014 - 11:29
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега