Јолевски-Најденов: Македонија и Бугарија ќе ја продлабочуваат соработката во одбраната

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, денеска се сретна со својот бугарски колега, Ангел Најденов во Софија. 

По средбата, како што јавува МИА, Јолевски истакна дека  Бугарија ги поддржува иницијативите и аспирациите на Република Македонија. Според него, посетата на оваа пријателска, соседна земја, како негова прва официјална посета како во својство на министер за одбрана е потврда дека двете министерства за одбрана имаат висока соработка која, подвлече, ќе продолжи да се унапредува и продлабочува.

- Ние ќе продолжиме и понатаму да ја продлабочуваме соработката за постигнување на овие приоритети во надворешната политика на Република Македонија. Интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО ќе придонесе за зајакнување на стабилноста, безбедноста и просперитетот не само на нашата земја, туку и на регионот и Европа во целина. Затоа, поддршката од Република Бугарија е многу значајна, а интензивните контакти ќе придонесат за уште поголемо приближување на двете земи, армии и на двата народи, потенцира министерот Јолевски по средбата.

Според бугарскиот министер за одбрана Најденов, соработката во областа на одбраната може да се посочи како позитивен пример, но, како што подвлече, постојат уште многу можности и насоки за нејзино продлабочување.

- Република Бугарија ја поддржува европската и евро-атлантската интеграција на Република Македонија. Очекуваме македонската страна да ги исполни сите критериуми за членство, вклучувајќи го и принципот на добрососедство, рече Најденов, додавајќи оти потпишувањето договор за добрососедство и соработка, останува основен приоритет за развој на билатералните односи.

На денешната средба е разговарано и за можноста за формирање заедничка експертска комисија за афирмирање на прашањето за реставрација на гробиштата на загинатите бугарски војници на територијата на Република Македонија, во пресрет на одбележувањето на 100-годишнината од Првата светска војна.

Се очекува попладнево министерот за одбрана Јолевски да се сретне и со претседателот на Парламентот на Бугарија, Михаил Миков и со претседателот на Комитетот за внатрешна безбедност и јавен ред, Атанас Мерџанов.

22.07.2014 - 12:36
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега