Богата заплена на македонската Царина

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што се запленети девизи, сребрен накит, ловџиска пушка, бижутерија, парфеми, свинско месо, црева за прехранбена индустрија, облека, стоматолошки материјали и инструменти, брави за врата и фалсификати.

Задржана е следната стока:

 Девизи

- 9.000 евра, откриени на граничниот премин Деве Баир, при личен претрес на тројца македонски државјани, кои со патничко возило со македонски регистарски таблички, се пријавиле за излез од државата.  Во паричниците на патниците пронајдени се по 5.000 евра, за кои не поседувале документи за потекло. На секој од патниците му биле вратени по 2.000 евра, износ што резиденти можат слободно да го изнесат од државата.

 Сребрен накит и бижутерија

- 3,65 килограми сребрен накит, 885 модни додатоци-бижутерија, 390 парфеми од 3 ml и 70 пара фармерки, откриени во два одвоени случаи од мобилните царински тимови, при контрола на два автобуси, пријавени за влез во државата.

Во првиот случај, на граничниот премин Блаце, при контрола на автобус со српски регистарски таблички, управуван од српски државјанин, пронајдени се 1.952 парчиња сребрен накит (обетки, приврзоци, алки, синџирчиња и пирсинг) и 70 пара фармерки. Непријавените производи, сопственост на возачот, биле сокриени во две кеси, сместени во фабричка празнина во делот за одмор на возачите. Вкупната вредност на непријавената стока е проценета на околу 327 илјади денари.

Во вториот случај, на граничниот премин Богородица, при контрола на автобус со македонски регистарски таблички, што  сообраќал на релација Истанбул – Скопје, во патните торби на македонски државјанин, патник во автобусот, пронајдени се 885 парчиња бижутерија (прстени, бројаници и приврзоци) и 390 парфеми од 3 ml.

 Готови текстилни производи

- 1.247 готови текстилни производи и 120 светилки, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови, при контрола на две патнички моторни возила со македонски регистарски таблички, управувани од македонски државјани.

Во првиот случај, при контрола извршена на патниот правец Куманово-Скопје, кај клучката кај с. Мирковци, пронајдени се 208 долни детски тренерки и 499 детски блузи, додека во вториот случај, при контрола извршена на патниот правец Охрид – Ресен, во близина на с. Буково, пронајдени се 540 готови текстилни производи (блузи и долна облека) и 120 светилки за автомобили.

Во двата случаи, непријавените производи за кои возачите не поседувале документи за потекло и платени царински давачки, пронајдени се во повеќе црни кеси сместени во багажниот простор на возилата.

- 100 готови текстилни производи (женски блузи, панталони, кошули, јакни и палта) откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи биле сокриени во кеси со храна, сместени во багажникот, во просторот за резервна гума и во просторот помеѓу задното седиште и резервоарот за гас на возилото. 

- 34 комплети женски пижами, откриени на граничниот премин Деве Баир, при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи биле сокриени во внатрешноста на задните врати и предната десна врата на возилото. 

 Храна и производи за прехранбена индустрија

- 70 килограми замрзнато свинско месо, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. При вршење на ветеринарен  преглед, во товарниот дел од возилото, пронајдени се три вреќи со замрзнато свинско месо, што не биле опфатени со царинската декларација ниту со приложените придружни документи.  

- 144 килограми вештачки црева за прехранбена индустрија марка Viscofan, откриени на граничниот премин Деве Баир, при контрола на празно товарно возило со чешки регистарски таблички, пријавено за излез од државата. Возачот, чешки државјанин, приложил документ како доказ дека царинските формалности ги завршил во Република Македонија, но при извршената контрола, во внатрешноста на приколката била пронајдена непријавената стока.

     Останато

- 247 стоматолошки материјали и инструменти  (ампули за анестезија, игли, пломби, проширувачи на забен канал, четкички за полирање заби и четка за чистење инструменти), откриени на граничниот премин Ќафасан, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски  државјанин, пријавено за влез во државата.  Непријавените производи пронајдени се во најлонска кеса сместена во просторот помеѓу предните и задните седишта на возилото.

- 40 брави за врата, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на автобус со македонски регистарски таблички, пријавен за влез во државата. Непријавената стока, сопственост на македонска државјанка, патничка во автобусот, била пронајдена во картонска кутија, сместена во багажниот простор на автобусот.

- ловџиска пушка марка ZASTAVA и еден патрон со ознака Fiocchi12, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски  таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата, на граничниот премин Ќафасан. Пушката и патронот пронајдени се во багажниот простор на возилото.  

 

 Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

- 144 пара спортски обувки со лого на заштитена трговска марка, откриени на  граничниот премин Богородица,  при контрола на товарно моторно возило со турски регистарски таблички, управувано од турски државјанин, пријавено за влез во државата. Возилото било натоварено со стока со потекло од Турција, наменета за  фирма увозник од Косово.

 

 

 

 

 

15.09.2014 - 13:13
Фото: 
канал5


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега