Растот на индустријата поттик за банките да го зголемат кредитирањето

Годинава се очекува олабавување на кредитната политика на банките и зголемување на кредитирањето на компаниите, кое во последно време заостанува зад кредитирањето на населението, пишува Курир. Економистите и банкарите, објавува порталот, се децидни дека кредитирањето може и треба да се зголеми. За тоа постојат услови, сметаат економистите, но, потребно е компаниите да понудат добри и издржани проекти.

Според претседателот на Здружението за банкарство, Ѓорѓи Јанчевски, покрај зголемување на кредитирањето на компаниите, може да се очекува и намалување на каматните стапки на кредитите.

-Трендот на намалување на каматните стапки веќе започна. Каматните стапки позабрзано почнаа да се движат надолу. Покрај цената на станбените кредити, кој се на историско најниско ниво, се намалува и цената на благајничките записи и цената на државните записи, вели Јанчески, пренесува Курир.

ЈАнчевски вели дека кредитирањето се одвива во согласност со определени критериуми и стандарди на банките, кои компаниите мора да ги исполнат доколку сакаат да добијат кредит.

-Излеговме од минатогодишната рецесија, а податоците за индустриското производство во првите месеци од годинава се доста охрабрувачки. Овие податоци покажуваат дека е нормално банките да го зголемат кредитирањето, вели Јанчевски.

Тој смета дека доколку банките прават избор дали да ги вложат парите во државни и благајнички записи со каматна стапка од 3 до 4 отсто, или во компании со каматна стапка од 6 до 7 отсто, сигурно ќе ги изберат компаниите.      

Министерот за финансии Зоран Ставрески, неодамна истакна дека постојат сериозни знаци за стабилизирање на економијата. Тоа, вели министерот, е дополнителен поттик за зголемена кредтина активност на банките.

-Веќе се гледаат првите знаци за стабилизирање на економијата, што значи дека и ризиците постепено се намалуваат. Има средства за тоа да се реализира, бидејќи банките имаат историски гледано највисока ликвидност. Очигледно треба да видиме заеднички со банките и со фирмите, со Народната банка, каде има потреба од приспособување на одредени инструменти, мерки и политики. Доколку можеме ние како Министерство за финансии и Народна банка да помогнеме во тој процес и секако ќе направиме она што е до нас. Меѓутоа, главниот дијалог во тој дел треба да биде меѓу банките и претпријатијата за здрави добри проекти да се одобрат финансиски средства, истакна Ставрески.

И неконвенционалните мерки кои ги донесе НБРМ за да се стимулираат комерцијалните банки, се исто така во насока на зголемување на кредитирањето на компаниите. Имено, Народната Банка ги ослободи банките од задолжителната резерва за парите што им се позајмуваат на извозниците. Преку оваа мерка за четири месеци биле одобрени 36 милиони евра,

Сепак, објавува Курир, засега стагнира кредитирањето на стопанството. Вкупните пласмани се одржуват на околу 2,1 милијарди евра веќе подолг период, а во април имаа и пад за 650 илјади евра.

најчитано сега