Челниците на светското и европско карате во Охрид - градот домаќин на Балканското првенство

Висока делегација предводена од претседателот на Светската (WKF) и Европска карате федерација (EKF) престојниот викенд ќе допатува во Охрид, каде ќе се одржи Балканското првенство.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески веќе одржа средба со првиот човек на светското карате, придружуван од генералниот секретар на Европска карате федерација (EKF), Стјепан Челан.

-Разговаравме за развојот на карате спортот во нашата држава, односно за мерките и активностите кои Македонија веќе ги има имплементирано во овој спорт и кои веќе даваат резултати. Исто така, имав чест да ги запознаам гостите и со деталите околу организацијата на Балканското првенство во карате кое ќе се оддржи во Охрид, овој викенд, истакна Спасески, кој потенцираше дека на престојната Балканијада учество ќе земат околу 250 каратисти од десет држави од регионот.

Балканското првенство е целосно финансиски и логистички поддржано од АМС и ќе претставува вистински тест, за тоа дали Македонија ќе може да одговори на предизвикот да организира Европско првенство на кое би учествувале преку 40 земји.

-Каратето е спорт, кој има долга традиција во нашата земја, одлични резултати на меѓународен план, но овој спорт високо котира и во регионот. Токму затоа, ова балканско првенство ќе биде доста квалитетно и ќе претставува одлична подготовка за Светското првенство, кое во текот на следниот месец ќе се одржи во Бремен, Германија, потенцираше директорот Спасески.

На средбата беа разменети мислења и околу можноста за вклучување на каратето во програмата на официјални спортови на олимписките игри.

-Нашиот став во оваа насока е концизен и неприкосновен, а тоа е дека даваме максимална поддршка на иницијативата Каратето да стане олимписки спорт, со што Македонија ќе има изгледни шанси да се закити со највисоките спортски одличја – олимписките медали, заврши Спасески.

Претседателот на WKF, Антонио Еспиноз се заблагодари на срдечниот прием и изрази желба Република Македонија што поскоро да биде домаќин на некое големо меѓународно натпреварување.

-Наидов на одлично разбирање кај властите во Македонија, кои се одговорни за развојот на спортот, а особено ме радува фактот што соработката помеѓу Агенцијата за спорт и националната карате федерација во Македонија е на високо ниво. Тоа, впрочем го покажуваат и резултатите на македонските каратисти на меѓународните натпревари,  заврши Еспиноз, кој во текот на денот ќе го посети и Охрид и ќе одржи средба со претседателите на карате федерациите од државите кои ќе земат учество на Балканијадата.

17.10.2014 - 14:49


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега