Да ја покажеме хуманата страна - да донираме за Одделот за интензивна нега на Детската клиника

Cо повик на телефонските броеви 070, 075 или 077 14 33 33 македонските граѓани ќе можат да донираат средства во рамки на кампањата „Шанса за живот“ за поправка на старата и набавка на нова опрема на Одделот за Интензивна нега на Клиниката за детски болести во Скопје.

На овој оддел, единствен од овој тип во земјава, последниве години значително е зголемен бројот на предвремено родени и бебиња со компликации. Зголемениот број на нови случаи го отежнува функционирањето на одделот каде има сериозен недостиг од апаратура.

- Се обидуваме да направиме промена во овој оддел каде е зголемена бројката на примени деца, а нашите можности во поглед на апаратура и простор се исти и непроменети со години. Потребна ни е секоја помош бидејќи животот на овие деца во случајов зависи од тоа колку ќе успееме да направиме со кампањата. Средства се секогаш потребни, посебно во оддели каде нема алтернатива за нив, односно се единствени по својата намена во цела земја, вели директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова.

Апелира за вклучување на сите оние кои може да помогнат за да се спасат животите на бебињата кои се обидуваат да победат во својата прва битка во живот. Шансата, вели, е во нашите раце и со само едно јавување на еден од телефонските броеви може да придонесеме за вистинска промена.

Сите активности на кампањата се одвиваат јавно и транспарентно и по завршувањето и донирањето на опремата, целиот процес на собирање на средствата, набавување на апаратурата и донирање во Интензивното одделение ќе биде објавено на интернет страницата на компанијата. Извештајот ќе покаже каде точно се вложени средствата на граѓаните кои донираа и со тоа ги поддржаа целите на кампањата.

Со бирање на некој од броевите 070, 075 или 077 14 33 33 ќе се донираат по 100 денари, а со повикот се пресметува и данокот од 18 отсто и ќе чини вкупно 118 денари.

Оваа кампања е иницирана од компанијата ОКТА и Клиниката за детски болести во Скопје.

МИА

21.10.2014 - 12:23


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега