Ставрески: Евтините кредити на Владата креираа над 5.000 работни места

 

Илјада претпријатија во Македонија добија поддршка од евтината кредитна линија што ја обезбеди Владата од Европската инвестициска банка.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески истакна дека преку обезбедувањето кредитни линии од 250 милиони евра, што преку македонските банки завршија во македонските мали и средни претпријатија, се поддржа македонската економија.

 - Претпријатијата добија поддршка во текот на кризата, а преку 5.000 работни места се креираа, изјави министерот.

Тој потенцира дека банките се ликвидни, иако кредитната активност е се уште недоволна, но се надева дека ќе биде повисока во наредниот период.

Кредитната активност, како што истакна гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, до крајот на годината е таргетирана на 7 проценти и посочи дека ќе вложат напори таа да се реализира.

Во прилог на тоа, според него, се и податоците за првиот квартал за растот на економијата кои покажуваат закрепнување. Очекува дека македоските банки кои имаат потенцијал ќе го препознаат овој момент и ќе ја поддржат економијата.

Компаниите од Европската инвестициска банка ги добиваат средствата по субвенционирана камата од 5,5 проценти и рок на отплата од осум години со грејс период од две години. Се пласираат преку Македонската банка за поддршка на развојот, а фирмите поднесуваат барање кај девет деловни банки – Стопанска банка Скопје, НЛБ Тутунска банка, Комерцијална банка, Охридска банка, Шпаркасе банка, Стопанска банка Битола, Прокредит банка, ТТК  банка и Халк банк. 

најчитано сега