Ова се сите одлуки на УЕФА за инцидентот на мечот Србија-Албанија

Фудбалскиот сојуз на Србија на својата официјална страница објави дека ги добиле одлуките на УЕФА донесени по повод инцидентот на мечот со Албанија.

Одлуките на членовите на Контролна и дисциплинска комисија на УЕФА, која заседаваше во состав со претседателот Томас Партл (Австрија), членовите Жоел Волф (Луксембург) и Ханс Лоренц (Германија) се:

-Мечот Србија-Албанија е регистриран со службени 3:0 во корист на Србија.

-На „А“ селекцијата на Србија и се одземаат три бода во квалификациите за ЕП.

-Наредните два меча во квалификациите за ЕП на кои Србија ќе биде домаќин ќе мора да ги одигра без присуство на публика.

-Фудбалскиот сојуз на Србија ќе мора да плати казна од 100.000 евра.

-Фудбалскиот сојуз на Албанија ќе мора да плати казна од 100.000 евра.

Мечот помеѓу Србија и Албанија беше прекинат во 41-та минута откако се случи инцидент. Повод за нередите беше дронот кој влета на стадионот на Партизан на кој беше закачено знаме на голема Албанија. Дронот бил лансиран од извесен Албанец Исмаил Моринај.

Како што информираше Фудбалскиот сојуз на Србија, за пет дена ќе го добие и писменото известување па ќе се види врз која основа ги добиле овие казни. Инаку, по приемот на писменото известување двата фудбалски сојузи имаат рок од три дена да поднесат жалби на одлуката на УЕФА.

24.10.2014 - 19:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега