Македонија и Турција со најголема усогласеност со европското законодавство

Невладината Европска иницијатива за стабилност (ЕСИ), за денешната конференција “Иднината на земјите од Западен Балкан во ЕУ и регионалната стабилност”, организирана од германската фондација „Ханс Зејдел Штифтунг”, направи споредбена анализа според која од сите земји-кандидати за членство во ЕУ, Македонија е втора во однос на усогласеноста на сопственото со европското законодавство во 2014 година.

 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Турција, која почна со пристапни преговори во 2005 година, има усогласено 12 од 33 поглавја што се преговараат со Европската комисија, додека, според ЕСИ, Македонија во моментов има напредна усогласеност на осум од 33 преговарачки поглавја со ЕУ. Според оваа анализа, нашата земја има модерирано усогласување во 21 поглавје, додека во четири поглавја е во почетна фаза на усогласување со европското законодавство. Србија и Црна Гора, земји кои веќе преговараат со Брисел, имаат напредно усогласување со европското законодавство во само три од 33 поглавја, а Албанија, во ниту едно поглавје нема напредно усогласување.

На денешна конференција во Брисел, главен говорник беше македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, заедно со директорката на Б-одделението во Директоратот за проширување, Александра Кас-Грање и европратениците Алојз Петерле и Андреј Пленковиќ.

Генералниот заклучок беше дека проширувањето на Унијата не треба да се третира како политика на заклучена врата и дека мораториумот за проширување на ЕУ во наредните пет години, објавен од страна на новиот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер не значи запирање на процесот, туку години за преговарање и организација со цел да се исполнат ветувањата од Самитот на Советот во Солун во 2003 година за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Македонскиот минитер, истакна на конференцијата дека добра вест е што земјите од Балканот започнале интензивна соработка што е тренд и ќе го зголемиме нивото на соработка на регионално ниво. Лоша вест, пак, според Попоски е тоа што новата Комисија и Европарламент го започнале мандатот со кажување дека нема да има проширување на ЕУ следните пет години.

- Тоа и не е толку лошо оти пет години е период што ќе треба некоја земја од Западен Балкан да почне и да заврши преговори за членство. Пораката ги осигурува европските данокоплаќачи и гласачи дека нема да се брза со приемот на нови членки. Во однос, пак, на земјите од Западен Балкан, Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, рече дека планот е пет години плус еден ден, па кога мандатот на оваа Еврокомисија ќе истече, утредента да станеме членки. Најважна порака е дека Европа има план за пет плус еден и тоа треба да се потврди во пракса, порача Попоски.

Македонскиот министер рече и дека Западниот Балкан е најдобро место кое ги потсетува луѓето во ЕУ за што постои Европа, како најголем трговски блок, најбогат дел на земјата и најдобро место за живот. Во тој контекст ја спомена прославата на падот на Берлинскиот ѕид и што се може да се промени за две децении. Притоа, нашиот шеф на дипломатијата рече дека економијата, реформите и ефикасноста на администрацијата, судскиот систем, бизнис-атмосферата, инвестиции во земјите се главен предизвик на земјите.

- Има бројни работи кои се надвор од наша контрола, па Македонија сака во декември на Европскиот совет да се донесе одлука за почеток на преговорите откако Комисијата веќе шест години дава препораки, но никој нема да ја праша Македонија за одлуката на Советот оти не седиме на масата. А, ако не си на масата, тогаш си на менито, а таму сме долго време, нагласи Попоски.

Тој рече и дека влезот на земјите од Западен Балкан во ЕУ не значи повеќе неволи, повеќе илегална миграција, помалку работа и проблеми со даночењето во Унијата, а истакна и дека евроинтеграцискиот процес е најдобар за надминување на парлаелните политички прашања со земји кои се во клубот со оние надвор од клубот. Истакнувајќи дека пред 15 години, Македонија го зпаочна процесот на евроинтеграции, тој додаде дека пред 13 години нашата земја го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, пред десет години стана кандидат и пред шест години доби прва препорака да почне преговори за членство, но дека тоа се уште не се случува за што побара кредибилен политички модел.

Александра Кас-Грање од Еврокомисијата, пак, рече дека Директоратот за проширување од јануари станува Директоратот за близина и дека неформалната Влада на ЕУ започнува нова методологија за политички критериуми во однос на земјите од пристапувањето, со поглавјата 23 и 24 како најважен дел. Таа посочи дека тоа не значи и дека Брисел ќе се концентрира само на усвојување на легислативата, туку и на испорачување и имплементација на потребните реформи, дека земјите ќе треба да имаат исполнето повеќе економски критериуми, подобро да партиципираат во економските процеси.

- Гледаме дека ЕУ се менува и сака повеќе да не се троши време. Дијалогот е важен и програмата за економија да се води од земјата-кандидат, таа самата да ги дефинира сопствените приоритети, да испорачува. Даваме критики кон земјите прогрес-извештаите, а за Македонија говоривме за враќање назад. Во политичката област има голем напредок во земјата, но чувствуваме дека нема прогрес во судството, кај медиумите има прашања каде медиумската култура во земјата не е отворена и тука мислам на владиното рекламирање во медиумите кое фаворизира некои медиуми во однос на други, рече Кас-Грање.

Европратеникот Петерле, кој е и ко-претседавач со Заедничкиот парламентарен комитет на Европарламентот со македонското Собрание, посочи дека Западниот Балкан останува главен европски предизвик оти регионалната стабилност не е обезбедена. Тој рече дека не е можно украинско сценарио на Балканот, но дека никој не претпоставувал и дека ќе се случува она што сега се случува во Украина.

Словенечкиот пратеник во ЕП, рече дека кога кандидатските земји се соочуваат со асиметриски статус и европските институции треба да бидат внимателни, па кога се зборува за регионална стабилност, според него, треба да се говори и за тоа како да се избегне асиметричен статус.

- Почнуваме нов мандат во ЕУ-институциите и мислам дека е време да се почне со нов и подобар дух и ќе додадам дека прашања кои треба да се деблокираат, не можеме да ги решиме без да користиме европски принципи и европски дух. Динамичен и кредибилен прогрес е потребен и проширувањето е дел од иста историска оценка. Пред се е потребна деблокада на македонските евроинтеграции со промена на контекстот. Силна европска посветеност е попотребна од силни зборови. Главните играчи во земјата и надвор од неа се најодговорни за тоа, истакна Петерле.

Словенецот беше дециден дека само ако македонскиот и грчкиот премеир, Никола Груевски и Андонис Самарас, разговараат во вистинска насока, дека тогаш е можен договор на решенија, без потреба тие да се наметнуваат од Брисел. Според Петерле, не треба да се навива за еден или друг играч во оваа игра и дека Македонија и кандидатските земји имаат потреба на своја страна да ги имаат сите 28. ЕУ-земји, но дека да се биде во собата за чекање не е лесно. Тој рече дека земјите-членки имаат право да поставуваат прашања, но дека е потребно истите да ги третираат ваквите прашања во линија со европските принципи и во европски дух.

- Како пример ќе наведам дека една ипол година немаше состнаок на Заедничкиот парлмаентарен комитет на Европарааментот и македонското Собрание. Откако станав нов ко-претседавач, се посветив со своите колеги во договор со македонскиот ко-претседавач и новиот ЗПК ќе се одржи пред крајот на овој месец. Ние сакаме Комитетот да работи во целосен формат со целосна кредибилност и функционалност, што значи дека и македонската опозициската партија очекуваме да партиципира во целосен состав, па затоа и ја испраќам оваа порака во таа насока - порача европратеникот Петерле.

Во однос на делувањето на опозициската СДСМ во Република Македонија, министерот Попоски рече дека се работи за детско однесување во политиката, по принципот “ако не победиме, не сакаме да си играме со вас”, што се повторува повеќепати во неколку земји на Балканот. Таа култура, според шефот на македонската дипломатија се менува, но дека е потребно време.
- Според последните анкети, ако денеска имаме избори во Македонија, владината коалиција ќе победи со поголема разлика во однос опозицијата отколку на претходните избори. Едноставно, гласачите не сакаат таков однос од опозицијата, посочи Попоски.

Македонскиот министер беше искрен дека Македонија не е перфектна земја, додавајќи дека таква нема никаде на Западниот Балкан и дека ако беше така, немаше да бараме члеснтво во ЕУ. Сепак, за тоа дали Македонија е полоша денеска отколку во 2013 година или во 2009 година кога добивме прва препорака за членство, одговорот на сите овие прашања е не. Тој ја искористи анализата на Европска иницијатива за стабилност да каже дека е факт дека земјите кои имаат најголемо изедначување со европското законодавство се најдалеку од ЕУ, како во случајот со Турција и Македонија. Сепак, според министерот за надворешни работи, факт е дека проширувањето е политички процес, но дека е факт дека не може да има подобра Македонија ако земјата остане уште шест години во собата за чекање.

Според Попоски, сепак, никој во нашата земја не е глупав и знае дека треба да направи некои работи, па ако се погледне ранг-листата “Дуинг бизнис” на Светската банка, Македонија напредува и на истата е пред 19 земји на Европската унија, а земјата има и втор најголем раст на БДП во Европа. -Не спиеме, има многу работи да подобриме работи пред Грција да одлучи да не пушти да преговараме за членство, рече Попоски.

Кас-Грање од Еврокомисијата, во овој контекст додаде дека Комисијата не можела да стори ништо за прашањето за името. Тоа, според неа е билатерално и треба да се реши од страните во спорот.

- ЕК се обиде да олесни процесот на Советот и препорача да се отворат преговорите и прашањето за името да се реши рано во преговарачкиот процес. Но, тоа не се прифати и ќе повторам дека не е до ЕК и не мислам дека Комисијата можеше да стори нешто повеќе во однос на ова прашање, посочи директорката во Директоратот за проширување.

На прашањето на дописникот на МИА од Брисел да ја коментираат изјавата на рускио министер за надворешни работи Сергеј Лавров, дека членство на Македонија во НАТО или ЕУ би било провокација кон Русија и против нивните интереси на Балканот, говорниците со ралзични одговори. Најпрво, министерот Попоски истакна дека во Македонија има јасна и отворена политика, а тоа е дека земјата сака да влезе во НАТО и во ЕУ, за што постои поддршка кај 90-проценти од граѓаните. Тој рече дека европски проект треба да имаме фер однос и со Русија и оти секогаш оваа земја ќе биде фактор кој може да влијае во Европа.

- Ние имаме јасна позиција и за Украина, а тоа е дека Македонија го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на секоја земја на светот, а со Украинците имаме и добри односи, рече Попоски.

Европратеникот Петерле, на ова прашање одговори дека ЕУ претходно била партнер со Русија, а сега е непријател. Според него, тешко е да се разбере фактот дека укрианскиот народ сакал да ги споделува европските вредности, а тоа Русија го сфатила како закана. Словенецот е дециден дека секој во околината на Унијата треба да биде задоволен од ширењето со европски вредности, па и Балканот.

Андреј Пленковиќ, кој е потпретседател на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), истакна дека никој не треба да влијае на автономните одлуки на секоја оземја за тоа која насока таа ќе ја превземе. Европратеникот од редовите на Европските народни партии (ЕПП), рече дека да немаше блокада, Македонија ќе станеше членка на НАТО заедно со Хрватска и Албанија во 2008 година, а дека истото важи и за Црна Гора, па и за проширувањето на ЕУ.

- Јас се восхитувам на ЕУ-ентузијазмот во Македонија. Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД-от) и се друго што во меѓувреме се измисли се елементи на фрустрација за Македонија. Билатералните прашања во пристапниот процес, а ги имаше и мојата земја Хрватска, па и Словенија со Италија - едноставно е неправедно кога таквите стануваат проблем во пристапниот процес оти партнерот кој е надвор од ЕУ е беспомошен како да се однесува кон овие прашања. Проблемот со Макеоднија е покомплексен оти не е само прашањето на името, туку и на идентитетот и затоа е критично да се решава на начин со отворање на преговори и НАТО-членство, не може да решите такво прашање со дипломатија или техника, треба и политички да преживеете, порача Пленковиќ.

 

Високите претставници на ЕУ, заклучија на крајот дека е крајно време преговорите за прашањето за името да бидат допрени од новата Европска комисија и истите да не бидат оставени на некој друг.

12.11.2014 - 19:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега