Доделена опрема за собирање и рециклирање фреони од ладилници

 

Триесет и пет субјекти денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање добија опрема за собирање и рециклирање фреон од ладилници, со цел спречување на нивната емисија во атмосферата.

Проектот што го спроведуваше Канцеларијата за озон, според раководителот Марин Кочов, се состоеше од обука на сервисери и професори во средни училишта кои продуцираат кадар за процесот на рециклирање на фреоните и царински работници за да можат да ги препознаат ладилните средства на граница.

- Доделивме опрема на сите сервисери кои аплицираа, односно 35 во овој циклус и 20-тина претходно. Значи, околу 55 сервиси во Македонија имаат опрема која служи за извлекување и рециклирање на фреонот, појасни Кочов.

Опремата, според ресорниот министер Нурхан Изаири, кој присуствуваше на доделувањето, е во сопственост на Министерството и им се дава на користење на субјектите, кои имаат обврска да доставуваат извешати колку од фреоните ги рециклирале.

- Во првата кампања 18 сервиси на ладилни уреди и три средни училишта добија софистицирана опрема за собирање и рециклирање ладилни уреди. Според извештаите добиени од сервисите за минатата година, собрани и рециклирани се 14.000 килограми разладни средства, што укажува на успешноста на оваа акција и генералниот придонес во заштитата на озонската обвивка на глобално ниво, рече Изаири. 

13.11.2014 - 14:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега