Шокантно откритие- Бебиња умираат поради валкани раце на лекарите

Црногорскиот министер за здравство и други функционери ќе бидат сослушани во Парламентот поради инфекцијата во акушерскиот центар во Бијело Поље.

 

Поради случајот со инфицирање на новороденчиња во болницата во Бијело Поље во Црна Гора, по што почина едно бебе, Комисијата за здравство и социјални грижи на Собранието на Црна Гора едногласно донесе одлука за контролно сослушување на министерот за здравство, Миодраг Радуновиќ.

Освен него, пред црногорските пратеници ќе бидат сослушани и директорот на Институтот за јавно здравје и директорот на болницата во Бијело Поље, јавува Анадолија.

Сослушувањето на функционерите го поддржаа сите пратеници, а Комисијата ќе побара од министерот Радуновиќ детални одговори и објаснувања за условите во болницата во Бијело Поље, каде што пет бебиња се инфицирани поради, како што е соопштено, нехигиенски услови во болницата.

Пратениците сметаат дека овој настан само дополнително го нарушува угледот на здравствениот систем на Црна Гора.

Емило Лабудовиќ, пратеник од опозицискиот Демократски фронт, вели дека ниту во 1945 година не се умирало од валкани раце, а сега во 2014 година се случува токму тоа.

- Ова е шлаканица. Состојбата е алармантна. Вирусот на ебола ни чука на врата, а кај нас се умира од валкани раце. Ни требаат студени глави за вакви работи повеќе да не се случуваат, вели Лабудовиќ и порачува дека не се доволни оставки на надлежните.

За датумот на сослушување на функционерите Комисијата за здравство ќе одлучи дополнително.

Поради ситуацијата во болницата во Бијело Поље, министерот Радуновиќ претходните денови соопшти дека имало пропусти во работата во болницата и дека по добивањето на целосниот извештај ќе донесе одлука за тоа чија е одговорноста.

Засега сменети се началниците на одделенијата за гинекологија и неонатологија, додека директорот на болницата, Томислав Јеремиќ, во понеделникот поднесе оставка, како што соопшти, од морални причини.

Министерот, исто така, нареди затворање на акушерскиот оддел на оваа болница.

Здравствената состојба на четирите бебиња од Бијело Поље кои се лекуваат во Центарот за неонатологија на Институтот за болести на деца во Клиничкиот центар на Црна Гора и вчера беше непроменета – три бебиња се стабилни, додека едно се уште е во животна опасност.

Инфекцијата кај петте бебиња, поради која едното почина, се случила по раѓањето во болницата, вели директорот на Институтот за јавно здравје, Бобан Мугоша и додаде дека сега мора да се најде изворот на инфекцијата и начинот на кој била пренесена. Тој изјави дека кај едно бебе е потврден менингитис, а кај другите е утврдена сепса, додека за две бебиња се уште се чекаат резултати.

Таткото на починатото бебе, Славиша Кнежевиќ, вели дека лекарите не му ја соопштиле причината за смртта на неговото дете, а тој тврди дека умрело од сепса и бара да се утврди чија е вината.

- Невидено е во 21. век да се случуваат вакви работи. Ова е вистинско злодело и не е само во прашање здравјето на бебињата, туку и нивниот живот. Ова е работа на обвинителството и полицијата, вели дедото на животно загрозеното бебе.

 

Во понеделникот женските здруженија организираа протестен марш.

 

 

Оцени ја веста

19.11.2014 - 09:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега