Наставници од цела Македонија против штрајкот на СОНК, наместо на улица ќе одат на настава

Директори на училишта од цела Македонија и наставници од речиси сите училишта, не го поддржуваат најавениот штрајк од страна на СОНК.

Наставата од вторник ќе се одвива нормално, без никакви пречки и проблеми. Совесните наставници ќе седнат на клупите со своите ученици да си ја извршат својата работна должност и нема да штрајкуваат.

Градоначалниците заедно со нив одржаа средби и констатираа дека се е подготвено за успешен тек на наставно-образовниот протест.

Со овие факти станува јасно дека СОНК нема поддршка од наставниците и директорите на училиштата и дека тие наместо на улица, ќе останат на своето работно место, за доброто на децата.

Наставниците од Охрид, Велес, Крива Паланка, Прилеп, Ресен, Неготино, Пробиштил, Берово, Демир Капија, Новаци.... не го поддржуваат најавениот штрајк.

Основните и средните училишта во општина Охрид, се подготвени за почетокот на второто полугодие од школската година. Ова беше констатирано на денешната средба која Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески ја оствари со активот на директори од училиштата во Охрид.

- Заедничен заклучок со директорите е дека сите предуслови за одржување тековно на наставата и почеток на второто полугодие се исполнети. Училиштата се снабдени со нафта за греење, други проблеми во комунална сфера немаат, така што редовно од 20.01.2015 (вторник) ќе започне наставата во општина Охрид. Не очекуваме никакви проблеми при почетокот и на сите ученици им посакуваме успешен почеток на второто полугодие, рече Спасески.

Наставниците од Охрид искажувајќи ја својата подготвеност за второто полугодие покажаа дека за нив штрајкот не е решение за решавање на проблемите.

Училиштата во Велес нема да го поддржат најавениот штрајк на СОНК, изјави денеска на прес-конференција  градоначалникот на Велес Славчо Чадиев, кој го пренесе ставот на директорите на основните и на средните училишта во градот со кои денеска имал средба.

- Информиран сум дека во сите училишта во Велес наставата започнува на 20 јануари. Ова им го соопштувам на сите родители кои се интересираа и се јавуваа деновиве во Општината, рече Чадиев.

Тој соопшти и дека ако СОНК, сепак, одлучи да штрајкува, според законските решенија општината има подготвено замени за професорите кои ќе го поддржат штрајкот.

Истиот став го делат и нивните колеги од Крива Паланка.

Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски денес одржа состанок со директорите на училиштата, градинката и Центарот за култура.

Од сите нив бил информиран дека во тие институции штрајк нема да се одржи.

-Тоа значи дека наставата во училиштата на 20-ти јануари ќе се одвива нормално, наставниците ќе си ја одржат наставата како и досега. Во однос на Центарот за култура, детската градинка исто така ќе се одржуваат активностите кои овие институции ги спроведуваат, рече градоначалникот.

И наставниците од Прилеп наместо на штрајк, ќе седнат на своите работни места, за доброто на своите ученици.

Пречки или застој во работава на училиштата нема да има. Тоа значи дека наставниците нема да штрајкуваат, туку ќе ја започнат наставата за своите ученици.

-Сите основни и средни училишта ќе започнат редовно со наставата. Ги информираме  родителите и учениците  дека на 20-ти јануари  училиштата се спремни за почеток на втрото полугодие од учебната  2014-2015 година и ќе има редовна настава, посочи градоначалникот Марјан Ристески по завршувањето на работниот состанок наменет на истата тема.

Ниту наставниците од Ресен нема да го поддржат генералниот штрајк на СОНК најавен за 20 јануари.

Како што вели градоначалникот Ѓоко Стрезовски и директорите на петте основни училишта и средното општинско „Цар Самоил“, наставата на првиот учебен ден од второто полугодие ќе почне редовно.

- Над 250 наставници и останатиот персонал во преспанските училишта речиси едногласно се изјаснија против организирањето и реализацијата на најавените активности на СОНК, со што ја потврдија определбата, отворените прашања во образованието да се решаваат исклучиво во рамките на институциите на системот, вели Стрезовски.

Училиштата во Пробиштип без проблеми го почнуваат второто полугодие.

Ова го констатирале на денешниот состанок гадоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски и директорите на општинските училишта и Детска градинка.

На состанокот, како што информираат од општина Пробиштип, биле разгледани активностите на овие општински установи за време на зимскиот распуст и подготовките на училиштата за почетокот на второто полугодие.

Со директорите биле договорени и активностите за пролетниот период, со акцент за хортикултурно уредување на училишните дворови.

Општинските училишта во Берово се подготвени за настава, а штрајк нема да има.

-И оваа година трите општинско училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Берово во целост се подготвени за продолжување на наставата. За време на училишниот распуст се извршени неколку значајни зафати за подобрување просторните и технички услови.На 20-ти Јануари вратите на училиштата ќе бидат отворени заедно со наставничкиот кадар непречено без никакви проблеми да ги примат учениците на настава, изјави градоначалникот Драги Наџински.

Нема да штрајкуваат ниту професорите од Демир Капија.

Во основното општинско училиште „Димче Ангелов Габерот” од Демир Капија нема никакви пречки за на 20 јануари да  отпочне со работа во второто полугодие од учебната 2014/2015 година.

Вакво соопштение  достави денеска градоначалникот на Демир Капија Трајче Димитриев, по состанокот одржан со в.д. директорот на училиштето Роска Паланкова и со претставници од наставниот кадар во училиштето.

Наставата се изведува во централно основно училиште и во четири подрачни училишта, со вкупно 320 ученици и 36 наставници.

Градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски по денешниот состанок со директорката на ЦОУ „Славко Лумбарковски“ од Новаци, Ана К.Велјановска, изјави дека се подготвени за второто полугодие и наставата во централното и осумте подрачни училишта во вторник ќе започне. Тоа значи дека на штрајк нема да излезат ниту наставниците од Новаци.

Огромен број на наставници и директори на училиштата нема да го поддржат СОНК во најавите за штрајк бидејќи сметаат дека тоа не е начин да се изборат за своите права. Тие избраа да ја продолжат наставата за добро на своите ученици, наместо на улица да го поддржат претседателот на СОНК.

 

 

Оцени ја веста

16.01.2015 - 17:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега