Вицепремиерот Бесими во посета на Велика Британија

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, кој престојува во посета на Велика Британија, денеска имаше средби со британскиот министер за европски прашања Дејвид Лидингтон, со претставници на Групата  за соработка со Македонија при Долниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство, предводена од претседавачот Карен Лумли,  како и со Јан Кернс, директор и ко-основач на Европската лидерска мрежа.

На средбата со Лидингтон, како што соопшти Секретаријатото за европски прашања, се разговараше за процесот на интеграција на Република Македонија, како и за последните постигнувања на земјата во однос на членството во Европската унија. Бесими притоа потенцирал дека евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет за Владата и за граѓаните на Република Македонија.

На средбата е истакнато дека е важно што Република Македонија има препорака за започнување на преговорите и во исто време треба да се работи на препораките од Извештајот на Европската комисија во однос на реформите во судство, независноста на медиуми и слободата на изразување, политичкиот дијалог, меѓутеничките и добрососедските односи. Тоа ќе придонесе за создавање на добра основа за започнување на официјалните преговори со ЕУ.

На состанокот се разговарало и за последните економски и безбедносни случувања во регионот, како и значењето на забрзување на процесот на европска интеграција на Западен Балкан.

Вицепремиерот Бесими истакнал дека соработката меѓу Република Македонија и Велика Британија се карактеризира со отворен и конструктивен дијалог и со континуирано продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес. Исто така, нагласил дека Македонија ја цени поддршката во однос на напорите за интеграција  на земјата во ЕУ, како и стратешкото партнерство со Велика Британија, и се надева на плодна соработка во иднина.

На средбите се разговарало и за билатералната  соработката, како и поддршката што Македонија ја добива од Велика Британија во однос на процесот на интеграција особено во делот на реформата на јавната администрација.  

Вo текот на денешниот ден, вицепремиерот Бесими ќе има предавање и интервју на Лондонската школа за економија на тема“ Земјите од Западен Балкан во Европската унија: мисијата да биде завршена“, соопшти СЕП.

 

 

Оцени ја веста

19.01.2015 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега