Градежниот сектор и во иднина ќе биде двигател на економијата

Во интервју за Лидер, Сеат Кочан, ко-сопственик на компанијата Трансмет ни ја открива својата успешна приказна. Од 30, компанијата сега брои 400 вработени. Трансмет работи најмногу на домашниот пазар, а моментално на 15 сериозни проекти. И покрај невработеноста во земјава, Кочан вели дека се соочуваат со потешкотии да се најдат луѓе за работа. Успехот го темели на работа, упорност и чесност.

Член сте на ССК и успешен бизнисмен. Која е вашата животна приказна?

Пред 10 години го презедов раководењето на компанијата. По смртта на мојот татко како најстар член почнав да ја раководам компанијата. Трансмет е семејна компанија и работи во сферата на градежниот сектор- нискоградба. Трансмет има тројца сопственици,ние сме тројца браќа,јас сум еден од ко-сопствениците. Почнавме и влеговме во светот на менаџирањето. Со годините како се создаваше позитивен амбиент од страна на државата во градежниот сектор се отвараа многу нови работи, се започнаа многу големи проекти и така го најдовме нашето место на тој пазар.

Беше ли тешко да ја позиционирате компанијата на место каде што се наоѓа денеска?

Во 2004 година Трансмет имаше 30 вработени, а денеска имаме скоро 400 вработени. Беше тешко, транзицијата предолго траеше на овие простори генерално. И во Македонија транзицијата го направи тоа, да не биде лесно за никого. Кога дојдоа други времиња и почна да се пресликува работењето на успешните држави се создаде простор на пазарот, се создадоа можности, секој кој што има мисија и замисла во делот на менаџирањето и работењето да може да ја оствари и во Македонија. Имавме среќа градежниот сектор да ја повлече економијата, ние бевме во градежниот сектор и успевме да се етаблираме на пазарот.

Дали Трансмет работи на странските пазари или само на домашниот?

Претходно Трансмет работеше и во регионот( Косово, Србија, БИХ , Албанија), но откако почна експанзијата на градежниот сектор се фокусиравме повеќе на домашниот пазар. Многу е полесно да работите дома отколку во странство од повеќе причини, полесно може да најдете работна сила, да направите финансиска конструкција, нашите банки имаат појасна слика за вас тука, така што од 2008 година па наваму сме фокусирани на домашниот пазар. Што се однесува до Трансмет , компанијата не е само позната во градежништвото, ние имаме сектор рударство – поседуваме механизација која што е специјализирана за површински копови на рудници. Од времето Трансмет како компанија беше присутна на сите површински копови на бивша Југославија, а по осамостојувањето сме присутни на домашниот пазар. Така да и во тој сектор Трансмет е познат, иако не е експониран јавно, но е битен и сериозен дел од енергетскиот сектор.

Дали градежништвото ќе биде двигател на економијата и годинава?

Со оглед на тоа дека и во Буџетот за 2015 имаме расходна страна од 300 милиони евра, 80 % е предвидена во инфраструктурни проекти како покривање на автопатската делница на К – 10, исто така предвидени се изградба и на голем број инфраструктурни проекти,имаме санација на регионални и магистрални патишта,изградба на локални патишта, предвидени се изградба на клиники, ТИРЗ- овите, пругата на К- 8, изградбата на двете делници, Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, сето тоа, ни дава основа за оптимизам дека гредежниот сектор не само оваа година туку и во наредните години ќе биде двигател на економијата. Со оглед на тоа што економијата во Европа малку потешко заздравува, за жал останатите сектори кои се извозно ориентирани нема да ја добијат таа можност да се искачат до таа мерка за да можат условно кажано да ја загрозат лидерската позиција на градежништвото во Македонија.

Конкретно на кои проекти работите? Имате огласи за градежни работници, дали е лесно да се најдат?

Трансмет работи низ цела Македонија, на 15 сериозни проекти. Се фокусираме на посериозни проекти, а очекуваме и профитот да биде поголем. Реално, имаме еден апсурд во Македонија, покрај толкава невработеност имаме потешкотии да најдеме работници, затоа што во изминатите 20 години не се водело сметка за продуцирање на технички кадри. Претежно младите се образувале за ИТ , канцелариски работници, економисти, правници и малку имаме луѓе кои се ориентирале на технички науки и тоа ни создава проблем.

Каква е бизнис климата и што треба да се промени за да се подобри?

Јас често пати имам обичај да кажам дека после 20 години неуспешна транзиција ни се случи тоа, да дојдат луѓе, политичка структура која има намера нешто да направи. Може да дискутираме дали можело или не подобро, но сите во едно се сложуваат – за прв пат дојдоа луѓе кој што сакаат нешто да направат, тоа се чувствува , компаниите го чувствуваат. Сега имаме по успешни и помалку успешни компании и луѓе. Основата е дека се тргна нешто да се направи во делот на економијата, се уредоа законите, тука се почна во делот на усогласувањето, да можат сите компании да учествуваат рамноправно на пазарот, исто така се отворија нови политики – за привлекување на СДИ. Тоа е нов момент кој 15 години стоеше само на хартија . Времето исто така покажа дека проектот 2014 година беше еден проект кој дојде во вистинско време , во време кога имаме светска и европска должничка криза и ни требаа краткорочни проекти,а градежништвото повлече уште 20 останати гранки.

Кое е вашето мото за успех?
Упорност, работа и чесност. Чесноста е една работа која што морате да ја поседувате за да бидете успешен.

 

 

Оцени ја веста

29.01.2015 - 11:38
Фото: 
економски

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега