Насилници, зетовци, роднини на олигарсите - еве што велат од ВМРО-ДПМНЕ за новото раководство на СДСМ

Во СДСМ ништо не се менува.

Новото раководство на СДСМ не е никакво изненадување. Во него се наоѓаат лица кои или долго време, во последните дваесетина години, обавуваат високи функции во СДСМ, повеќе луѓе кои биле членови на кабинетот на Бранко Црвенковски или луѓе кои дошле во раководството заради фамилијарни и лични релации со досегашни политички и бизнис тајкуни од СДСМ.

СДСМ ја испушти шансата да понуди комплетно нова политичка и кадровска понуда. Место тоа, тие понудија за членови на раководството луѓе на Бранко Црвенковски, луѓе на Радмила Шеќеринска и луѓе кои јавноста ги знае по нивно учество во многу погрешни политики на СДСМ.

Да почнеме со ред.

За Потпретседател на СДСМ е избран Ванчо Узунов, долгогодишен советник на Црвенковски во време кога тој ја извршуваше функцијата Претседател на РМ. По Конгресот во Охрид во 2009 година Бранко Црвенковски го поставува за претседател на економско социјалниот совет на СДСМ. Тој важи за ревносен и гласен поддржувач на економските политики на Бранко Црвенковски. Токму тие политики со кои на Македонија и се нанесоа најголеми штети.

Исто така како долгогодишен советник и соработник на Црвенковски, во ова раководство на СДСМ место обезбеди и Рената Тренеска Дескоска. Таа беше дел и од минатото раководство кога во СДСМ беше избрана да биде член на ЦО и ИО, како и член на советот на СДСМ за политички систем. Позната е во СДСМ по френетичното поддржување на сите политики со кои Црвенковски правеше деструкција на правната држава.

Уште еден досегашен советник на Црвенковски, кој сега, веројатно заради блискост со него, обезбеди место во новото раководство на СДСМ е и Пеце Мирчевски, кој во кабинетот на Бранко Црвенковски дојде на местото на Горан Тозија.

Очигледно и ова им беше малку, па ги поставија во највисокото раководство и Есад Рахиќ и Ванчо Ѓоргиев, познат како Ванчо Деликатес.

Есад Рахиќ е човек за сите времиња во СДСМ. Тој секогаш е на услуга на Црвенковски. Очигледно ќе има носечка улога во раководството на СДСМ како Претседател на нивната Градска организација, но и како чувар на интересите и политиките на Бранко Црвенковски. Впрочем исто како сите до сега споменати. Го памтиме по реформата, брат му да го добие познатото диско Мусандра.

За истакнување е, како што кажавме, и името на Ванчо Деликатес. Тој е поранешен пратеник на СДСМ од Кочани. Во неговиот град, луѓето велат дека е феудалецот на Кочани. Тој беше пратеник и член на раководните органи на СДСМ кога се носеа закони за приватизација на општествениот капитал во Македонија. Блискоста со Бранко Црвенковски ја гради во раните деведесети години кога учествува во приватизација на Нова Трговија, раководењето со  Руен и приватизација на стоковна куќа во центарот на Кочани. Георгиев денес води неколку приватни бизниси како оранжерии, конфекција, циглана, и е во бизнисот со градење на згради. Ванчо Деликатес е типичен пример на олигархијата на СДСМ создадена со приватизацијата на грбот на илјадници граѓани кои останаа без работа.

Но тој не е сам и единствен пример во старо-новото раководство на СДСМ. Како во монархија, во раководтсвото на СДСМ влегоа и Ѓоко Танасковски и Благојче Бочварски и двајцата деца на поранешни функционери на СДСМ, а денес газди.

Ѓоко Танасковски е син на Крсте Танаскоски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Охрид на изборите во 2000 година. Тој беше поранешен директор на транспортното претпријатие Галеб во време кога ова претпријатие се приватизираше. Денес тој и неговото семејство поседуваат хотел, голем недвижен имот и деловни објекти во рамките на градскиот пазар.

Благојче Бочварски од Штип  е човек кој е тесно пврзан со Санде Џамазовски, некогашен заменик министер за земјоделие и пратеник и Мите Николов Брилијант, познат од времето на шверцот со нафта, како што информираа медиумите, двајцата блиски на Бранко Црвенковски. Неговиот татко и неговиот чичко се сопственици на ГП Пелагонија Штип. Имено неговиот стрико Владимир Бочварски, како член на Претседателството на СДСМ, во 2005 година беше во тесен круг за кандидат за градоначалник на Штип. Тогаш тој со другите против кандидати се договори доколку не биде избран за кандидат за градоначалник да добива  преку неговата фирма тендери и да изведува градежно-оперативни работи. Јавноста ги знае овие информации. Ова резултира со добивањето на локации и маркици за изградба на атрактивни места во Штип.      

Новиот член на ИО на СДСМ и нов потпретседател на СДСМ, Александар Кирацовски од Битола, е дел од луѓето на Радмила Шекеринска. Тоа што не го запамтиле или тоа што сакаат да го скријат во СДСМ е дека за него во медиумите, пред неколку години, пишуваше  дека учествувал во крвава тепачка во која било користено и ладно оружје. Во таа тепачка луѓе останале со телесни повреди. Ако еден ваков кадар заслужил да добие место потпретседател на СДСМ, тогаш ние сме загрижени за кадровската политика на таа партија.

Во новиот ИО на СДСМ членува и Виктор Петрушевски од Куманово, кој во градот од каде што потекнува го знаат по две работи. Првата е дека партиски е вработен во ЈП Куманово Гас и втората е дека е потенцијален зет на градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски – Циц. Веројатно тој си обезбедил место во раководството на СДСМ заради втората причина.

Или треба да си роднина или треба да имаш бизнис со релација со некој олигарх од СДСМ за да бидеш во раководството на СДСМ.

Во новото раководство на СДСМ секако има место и за претставник на ГЕМ, подружница на СОРОС. Тоа е новиот потпретседател Фросина Ременска. Невладинито Сорос сега и официјално, повторно влегува во раководствот на СДСМ. До вчера ни се претставуваа како невладини, непартиски и непристрасни индивидуи кој пласираа свои ставови во јавноста од позиција на неутрални граѓани, а од денес се во раководството на СДСМ. Тоа е лицемерно. Паѓаат маските и вистината за невладиниот сектор околу СОРОС се дознава.

Таков, впрочем, беше и примерот со демек независниот новинар и демек независниот Претседател на ЗНМ, Роберт Поповски, сега советник на Заев. Него го паметиме по кампањата “Овде сме тепајте“, кампања против Љубчо Георгиевски и Љубе Бошковски, сегашни коалициони партнери на СДСМ. Се нетрпение очекуваме да ја видиме соработката помеѓу Роберт Поповски и Љубчо и Љубе.

Во новото раководство на СДСМ секако се и неизбежните Дамјан Манчевски и Јован Деспотовски. Десна и лева рака на Радмила Шеќеринска. Кога таа е на сцена, а е долго, и тие секогаш се покрај неа. За нив двајца значајно е само Шеќеринска да биде во луѓето кои одлучуваат. Така се обезбедени и нивните политички и материјални позиции.

 

Новото раководство на СДСМ е само шминка која треба да ја затскрие болната реалност за оваа партија. Но лицето се гледа. На тоа лице се луѓето на Црвенковски, луѓето кои се со години во раководството на СДСМ, нивните деца и зетовци, бизнис олигарсите на СДСМ и квази-независните новинари и невладини активисти.

(Интегрален текст од прес-конференција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Бичиклиски)

најчитано сега