Груевски: Не треба да се брза со одлуките за одговорноста за прислушувањето

Не треба да се брза со какви било одлуки. Треба да се сочека во една транспаретна постапка да се утврдат фактите.  Секако, одлуките ќе бидат во склад со интересите на државата и со интересите на граѓаните на Република Македонија, изјави денеска премиерот Никола Груевски на собраниската седница за пратенички прашања.

Груевски одговараше на прашање на пратеничката Солза Грчева за тоа зошто не се разрешени првиот човек на УБК и на МВР по случајот со прислушувањето. Според неа, автентичноста на телефонските разговори, кои ги објавува опозициската СДСМ, досега никој не ја оспори. Случајот, вели Грчева, покажал дека нашиот безбедносен систем е колабиран. 

- Вчера на јавноста мошне опсежно елаборирав околу сите овие прашања, но би одговорил на директното прашање на Грчева во правец на одговорноста на одредени лица. Јас вчера посочив, ќе повторам и денеска дека моето мислење е оти во овој момент не треба да се брза со какви било одлуки на тој план, дека треба да се сочека во една транспарентна постапка да се утврдат фактите, деталите, да не се суди никој однапред, да се види што се случувало точно, што се сите анализи па потоа на крај да се носат одлуките. Секако одлуките ќе бидат во склад со интересите на државата и со интересите на граѓаните на Република Македонија, изјави премиерот Груевски. 

Пратеничката Грчева, го праша министерот за здравство Никола Тодоров дали ќе поднесе оставка, по смртта на малата Тамара, која чекаше операција во странство и боледуваше од сколиоза. Тодоров рече дека во изминатиов период повеќе пати одговорил на ова прашање кое што му било поставено неколку пати досега и од медиумите и за време на гостувањата на телевизиски емисии.

- Во изминатиот период повеќе пати одговорив на тоа прашање, ја објаснив целата процедура за тоа кој бил надлежен во оваа процедура и која е улогата на Министерството при одлучување за лекување во странство, рече министерот Тодоров.

Ги негираше тврдењата на пратеничката Грчева дека Македонија е на последно место во Европа во однос на здравствените услуги. 

- За здравството тоа е комплетно неточно. Доказ за тоа е последниот извештај којшто се објави и во којшто Македонија има најголем скок кога било од која било земја и е рангирана на 16 место во Европа. Значи, имаше скок од 11 места. Тоа го коментирам затоа што во јавноста во последно време прилично доста неточни податоци имаше објавувано во врска со некои рангирања. 

 

 

Оцени ја веста

26.02.2015 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега