ФОТО: Македонски железници добија 107 нови товарни вагони

Возниот парк на Македонски железници е збогатен за нови 107 товарни вагони, кои денеска беа промовирани. До крајот на месецот се очекува да бидат испорачани и останатите 43 вагони од словачката „ЖОС Трнава“, со што ќе се заокружи набавката вредна 13,2 милиони евра.

Премиерот Никола Груевски, кој заедно со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, присуствуваа на прмоцијата, истакна дека набавката на овие вагони е дел од стратегијата на Владата за целосна санација и ревитализација на македонскиот железнички систем. 

- Ако нашиот граѓанин се подразмисли кога последен пат во Македонија се купиле и ставиле во функција нови возови, односно нови транспортни вагони... најверојатно нема да бидат многумина кои би се сетиле на таков настан. Тоа е резултат на начинот на кој беше третирана железницата и железничкиот сообраќај во поновата историја на Македонија, истакна Груевски.

2500tovarni-vagoni1

Тој нагласи дека во јули треба да пристигнат и првите од шесте гарнитури на патнички возови, кои чинат околу 25 милиони евра. 

- Покрај нови возови, Македонија ќе добие и нови железнички станици. Реконструкцијата на железничката станица во Скопје е во тек и очекуваме да заврши ова лето. Покрај скопската железничка станица ќе се работи и на модернизација на железничките станици во Велес, Прилеп, Битола, Гевгелија, Богомила, Чашка, Табановце, Демир Капија, Градско и Неготино, додаде Груевски.

Премиерот потсети дека минатата година започна изградбата на железничката пруга кон Бугарија и информираше дека активно се работи и на проширување на железничката мрежа кон Албанија

500tovarni-vagoni

Ставрески нагласи дека набавката на новите товарни вагони произлегла од барањата на бизнисмените.

- Купувањето на нови товарни вагони беше едно од барањата на бизнис заедницата и ова е потврда како Владата работи со бизнисмените во текот на овие девет години. Секогаш кога има аргументирано барање, ние наоѓаме средства и начин тоа да го вклопиме во буџетите и да го реализираме и да и излеземе во пресрет на бизнис заедницата, истакна Ставрески.

Додаде дека инвестицискиот циклус во железницата во моментот изнесува 281 милион евра од кои 145 милиони евра е втората фаза од реконструкцијата на пругата кон Бугарија, а 50 милиони се за набавка на новите вагони. Покрај тоа, со ИПА средства се врши и изградбата на реконструкцијата од Битола до Кременица и реконструкцијата на железничката станица во Скопје и другите железнички станици.

- Се работи за сериозен инвестициски циклус во кој никогаш претходно немало издвоено средства. Сето ова создава поконкурентна економија затоа што со вакви вагони, со современ превоз и подобри пруги ќе ги намалиме трошоците за македонските компании и ќе овозможиме да се зголеми транспортот на стока и патници, рече Ставрески.

3500tovarni-vagoni3

Според министерот за транспорт, со оваа нова инвестиција Македонски железници ќе се етаблира и на меѓународниот пазар како компанија која е подготвена да понуди брз и сигурен транспорт. 

- Инвестицијата вредна 13,2 милиони евра, не само што ќе придонесе за поголема ефикасност на оваа железничка компанија, тоа ќе значи и нов почеток во насока на нудење на квалитетни услуги на коминтентите со кои соработува. Практично, набавката на 150-те вагони беше едно од барањата на бизнисмените, но дел и од нашата програма, со кои низ долги разговори и преговори ни укажуваа дека за да се задоволат нивните потреби за брз транспорт неопходна е една ваква инвестиција. Тоа и го сторивме. Од денеска бизнис секторот може да биде сигурен дека МЖ Транспор во иднина ќе нуди поквалитетен превоз на стоки, подвлече Јанакиески и додаде дека, од денес Македонски железници Транспорт ја пишува новата историја на компанијата.

 

 

Оцени ја веста

03.03.2015 - 16:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега