Свечена академија за 70 години од Првиот црковно народен собор

Македонската православна црква мора да ја изигра својата улога на цврста непробојна морална брана која ќе ги заштити традициите и вредностите во време кога секојдневно се нагризуваат.

Тоа го порача претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски во обраќањето на свечената академија по повод 70-годишнината од Првиот црковно-народен собро, што се одржа вечерва во Музејот на македонската борба, пренесува МИА.

Пред точно седумдесет години, посочи Вељаноски, во присуство на над триста делегати, свештеници, претставници на народната власт и на Народниот фронт, за прв пат автентично е искажано расположението на македонскиот народ од сите краишта на слободна Македонија за создавање на Македонска православна црква преку обнова на старата Охридска архиепископија. 

- Македонија ја нема својата смисла без Македонската црква, како што ниту Македонската црква не може да постои без македонската држава. Така било! Така е! Така и ќе биде! Македонија и Македонската православна црква можат и ќе успеат единствено како два дела од едно цело, како симфонија  - грижејќи се и меѓусебно помагајќи си, рече претседателот на Парламентот. 

Вељановски истакна дека на соборот пред 70 години е утврдена вековната желба на македонскиот народ за воспоставување македонска самостојна црква која нема да биде потчинета на ниту една национална црква. На овој собор, потсети, се носи историска одлука Македонската православна црква да има свои македонски епископи и свое македонско свештенство.

- На овој начин и никако поинаку, се афирмираше и се утврдуваше посебноста и самобитноста на македонскиот народ и на државата што тој ја создаваше. Со овој собир, прв пат, сосема отворено и’ се пркосеше на инородната црковна окупација. Беше извојувана една голема победа и против дел од странските пропаганди кои векови наназад го делеа македонското национално ткиво. Македонија го означи почетокот на една вистинска национална победа!, наведе Вељаноски. 

Светот, додаде, дозна дека тука постојат луѓе кои земајќи ги работите во свои раце, одлучно влегуваат во битката за возобновување на својата света црква. - Им беше стеснет просторот на странските слуги и соработници. Започна да никнува од пепелта нашата света македонска црква. Сеќавањето за овие битки еднакво силно важат и денес кога гледаме дека предизвиците никако да престанат. Македонија како и пред 70 години, се соочува со слични проблеми. Сепак, народното паметење е тука за да нé потсети дека единството е основата на секоја победа, наведе претседателот на Собранието.  

Низ целата македонска историја, нагласи, нашата света црква е столбот на кој се потпираме. И во антиверските времиња, како што рече, македонската црква како секогаш во историјата одолева на сите искушенија, останувајќи на висината на својата задача.

- Историјата нé учи дека зад негаторскиот однос кон македонската православна црква, стои подлабок политички мотив. Денес, иако живееме во слободно, демократско и секуларно општество, не смееме да ја занемариме улогата која црквата ја игра во моралното и во духовното издигнување на еден народ. Додека низ историските премрежја црквата беше таа што ја даваше неопходната поткрепа во борбата за создавање на македонска држава, денес, државата има должност да помогне во расчистување и решавање на неправдите со кои се соочува нашата света црква, рече Вељаноски. 

Денес, додаде, како што сме сите сведоци, историјата се повторува. Македонската православна црква повторно е негирана и непризнаена. Денес, македонската политика има должност да се одважи и да ја понуди сета своја помош, во решавање на овој децениски спор.

- Македонската православна црква, низ годините, но и денес продолжува да биде еден од иницијаторите за градење на нови мостови помеѓу сите верски и национални заедници во нашата татковина, наведе Вељаноски. 

Тој порача  дека Македонија мора да биде изземена од сé поголемата верска нетолеранција и анимозитет во светот и оти граѓаните на Македонија знаат да одолеат на радикалните искушенија кои предизвикуваат само бес и револт, а носат хаос и солзи. 

- Македонија мора да продолжи да ги негува различностите, да го негува дијалогот и да не остава во ниту еден момент простор за ширење на меѓу религиска омраза, посочи Вељаноски. 

Соочени со предизвиците и влијанијата што доаѓаат од надвор, брзиот начин на живот и бурното секојдневие, укажа, Македонската православна црква, има јасна обврска да продолжи еднакво силно да го чува и да го надградува народниот морал. Таа и ден денес служи како утеха и извор на надеж на милиони православни верници.

Поглаварот на МПЦ на свеченоста потсети дека во изминатите два века се забележани силни конкретни обиди за возобновување на Охридската архиепископија како црква на македонскиот народ.  Црковното прашање во Македонија или, како што рече, поконкретно црковното прашање за нас Македонците, го оквалификува како меѓу најсложените досега забележани во историјата. 

- Од неправедната и неканонска забрана на мисијата на Охридската архиепископиа во 1767 година од страна  на иноверната османлиска власт и интригите што ги вршеле првенците на тогашната Цариградска патријаршија и денес за жал водиме битка за македонската црковна вистина за докажување на нашето право за своја содомородно свештенство архиереј и свој поглавар со свое устројство согласно каноните и правилата на православието, рече поглаварот на МПЦ. 

И колку што имаме право на тоа, додаде, толку е оправдана и нашата желба, желбата на македонската православна душа да има место во сеправославната заедница. Таа борба, тоа трагање по вистината и правдината нема и не треба никогаш да престанат зашто ако ја немаме црквата ќе го изгубиме највредното како народ и држава. 

- И денес и секогаш вреди да се бориме за еден од столбовите ако не и најглавниот на нашето милениумско опстојување, столбот на нашата духовна култура, традиција, уметност и што уште не. Да ја немаме МПЦ, да дозволиме да ја загубиме Охридската архиепископија значи да дозволиме да бидеме изобличени, претопени, асимилирани, со еден збор да бидеме уништени, наведе г.г Стефан, изразувајќи надеж дека конечно МПЦ ќе го заземе своето место меѓу помесните православни цркви.

Фото: МИА

 

 

Оцени ја веста

03.03.2015 - 19:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега