Ги имате овие симптоми? - веднаш обратете се на лекар

На 60 до 70 пациенти годишно им се дијагностицира опструктивна ноќна апнеа, која е најчестото пореметување на дишењето во текот на спиењето кое го намалува квалитетот и го загрозува животот на 4 - 5 отсто од возрасната популација или на околу 100 милиони луѓе во светот. Претседателот на Македонското здружение за ноќна апнеа, Дејан Докиќ денеска на прес-конференција рече дека кај тие пациенти прекинот во дишењето за време на спиењето трае повеќе од 10 секунди и е проследено со пад на кислородот во крвта.

- Овие пречки се јавуваат последователно многу пати во текот на ноќта, дури и до 80 пати за еден час спиење. Проблемите се проследени со гласно рчење што претставува не само за пациентот туку и за партнерот и семеството, немирен сон, чести и краткотрајни будења, честа посета на тоалетот и една силно изразена поспаност во текот на денот. Заспивањето е изразено дури и при извршување на работните обврски, при возењето и управување со машини, истакна Докиќ.

Посочи дека еден од симптомите е утринската главоболка, намалена концентрација, лесна раздразливост, нервоза, промена во личноста и депресија, а како последици од оваа состојба има зголемен притисок кај овие пациенти кој не може да се регулира ни со два до три антихипертензивни лека, аритмии, срцев (пет пати почесто го добиваат), мозочен удар, дијабетес.

- Овие лица и до 12 пати имаат поголема шанса да предизвикаат сообраќана несреќа заради намалената концетранција и заспивање на воланот. Дваесет проценти од сите сообраќајни несреќи се поврзани со ноќна апнеа. Според светската статистика во Македонија околу 30 лица годишно гинат на патиштата како последица на ноќна апнеа вклучувајќи и неколку стотици повредени, а голема е и материјалната штета, додаде Докиќ.

Директорката на Клиниката за пулмологија и алергологија Бисерка Јовковска Ќаева рече дека во однос на средномедицински персонал кој до скоро им бил дифицитарен бидејќи повеќето биле волонтери вклучени во работата, со Законот за трансформација на работен однос ќе се овозможи трајно вработување на средномедицинскиот кадар  и ќе има можност да дијагностицираат поголем број пациенти, бидејќи во тој случај ќе можат ноќна апнеа да ја изведуваат секојдневно.

Укажа на ограничените просторни можности кои, како што рече, ќе се надминат со изградбата на новиот клинички центар.

- Само 16,7 отсто од пациентите купиле CPAP апарати за терапија на ноќна апнеа. Се надевам дека овие податоци ќе послужат во интерес на пациентите и ќе стигнат до ФЗОМ за набавка на овие апарати на сите на кои им е дијагностицирана ноќна апнеа, додаде Јовковска Ќаева.

Директорот на Центарот за клинички истражувања на сoнот на Универзитетот во Сури, Велика Британија, Дерк Јан Дијк истакна дека според резултатите од истражувањата, вкупната инвестиција за лекување на ноќна апнеа со CPAP-апарат кај пациентите се исплатува за помалку од две години. Според него, тоа е многу поисплатливо за пациентите и за националните здравствени системи отколку за справување со долгорочните сериозни еконоски и здравствени последици кои ги предизвикува ноќната апнеа. 

 

 

Оцени ја веста

05.03.2015 - 12:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега