Проблемот со испуштањето на водата од езерото Мантово ќе стане минато

Проблемот со испуштањето на водата од езерото Мантово по течението на реката Лакавица на територија на Општина Штип ќе се решава со изградба на магистрален канал за наводнување на земјоделски површини.

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев на денешната средба со жителите од селата од Лакавичкиот регион информира дека проектот за изградба на магистрален канал и контрола на водите од браната Мантово влезе во владината програма за инвестирање на 200 милиони евра во наредните 10 години за изградба на објекти за водоснабдување и наводнување на земјоделско земјиште.

- Со водите од Мантово ќе ги наводнуваме полињата на селата Лесковица, Лакавица, Суво Грло, Степанци, Пухче и се до Драгоево и Софилари, рече Захариев.

Тој додаде дека ова решение значи и анулирање на можноста од поплавување на земјоделски површини и домови во Лакавичкиот регион, кој за две години во четири наврати имаше поплави.

Според Захариев, на овој начин ќе се исправи и неправдата за овој регион, бидејќи пред 40 години водите од оваа река која поминува низ општина Штип беа пренасочени за наводнување на Радовишко поле.

- Со овој проект повторно ќе се врати животот во овие села, ќе има услови за земјоделие и сточарство, вели Захариев.

Последните проценки за штетите од поплавите во штипскиот регион изнесуваат над 45.500.000 денари или 740.000 евра. 

 

 

Оцени ја веста

05.03.2015 - 14:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега