Огромни инвестиции наспроти нула, каде одеа парите во време на СДСМ?

Проектите, работата, фактите и аргументите се јасен доказ зошто ВМРО-ДПМНЕ со години ја добива довербата од граѓаните, а СДСМ само ги ниже последователните изборни порази.

Партијата од Бихаќка која наместо со програма, пред граѓаните излегува со деструктивно сценарио, долги години беше на власт, но не направи проекти кои во голема мера го подобрија животот на граѓаните.

Затоа, со право се поставува прашањето- Каде одеа парите во времето на СДСМ?

Во сите Влади на СДСМ влегоа 992 милиони евра странски директни инвестиции, а само во периодот 2007-2014 кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, таа бројка изнесува повеќе од 2 милијарди евра.

СДСМ никогаш не ги покачи платите во администрацијата. За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ истите ги покачи за 27 посто.

Актуелната владејачка партија ги зголеми платите во образованието, споредено со периодот кога СДСМ беше на власт за 110,5% на најниската плата и за 62,4% во највисоката плата.

ВМРО-ДПМНЕ ги покачи платите на вработените во културата за 60% во споредба со времето кога СДСМ беше на власт.

Партијата на Никола Груевски само во 2014-та година изгради 20 градинки, колку што партијата на Црвенковски и Заев нема изградено за целиот период кога беа на власт.

ВМРО-ДПМНЕ во својот мандат изгради нови 45 основни и 5 средни училишта. Реконструираше 230 основни и 80средни. Дали некој се секава колку изгради СДСМ? Ниту една инвестиција за време на нивното владеење не остана запомнета, бидејќи истите ги немаше.

Во времето на СДСМ беа непознати и инвестициите во здравството. За разлика од тој период, ВМРО-ДПМНЕ инвестираше 200 милиони евра во набавка на медицинска опрема и изградба и реконструкција на здравствени објекти.

За потсетување, во патната инфраструктура од 2006 година до сега изградени, реконструирани и рехабилитирани се повеќе од 1.000 километри патишта. Како никогаш досега, во моментов се градат 132 километри нова автопатска мрежа. Една милијарда и 300 милиони евра е вкупната инвестиција во патната и железничката инфраструктура, што се реализира истовремено во Македонија.

Во времето на ВМРО-ДПМНЕ се изградени 77 училишни спортски сали, додека во периодот кога СДСМ ја практикуваше власта, никој не се сеќава дека е изградена училишна спортска сала.

Од 2006 до 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ како поддршка за земјоделците додели 780 милиони евра.  Во времето на СДСМ немаше субвенции за тутун воопшто, додека во време на ВМРО-ДПМНЕ субвенцијата за тутун изминативе години изнесува 60 денари за килограм.

Кога извозот на земјоделски производи е во прашање, во 2006 година беше 242 милиони евра, а во 2013 година извозот повеќе од двојно се зголеми на 504 милиони евра. Набавка на земјоделска механизација за земјоделците владата на ВМРО-ДПМНЕ само последниве 4 години набави повеќе од 6.700 трактори и друга земјоделска механизација за земјоделците по принципот 50-50, додека СДСМ никогаш не обезбеди ваква помош за земјоделците.

Просечната плата во време на СДСМ беше 13.518 денари додека во време на актуелната власт изнесува 22. 407 денари. ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми пензиите на пензионерите за 62%, додека во време на СДСМ просечната пензија изнесуваше 7.683 денари, а сега таа изнесува 12.445 денари.

Социјалната помош од 2006 година до сега е зголемена за 47%, а постојаната парична помош за 46%.  Во времето на ВМРО-ДПМНЕ се набавија 312 автобуси, додека во време на СДСМ нула автобуси. Невработеноста во време на СДСМ изнесуваше 38%, додека сега невработеноста е намалена на 27,9%.

Бројот на туристи во време на СДСМ во 2006 година изнесуваше 499.473 лица, а во 2014 година 735.650. Во време на ВМРО-ДПМНЕ намалени се цените на над 3.000 лекови и се заштедија повеќе од 30 милиони евра.

Фактите не може да ги побие никој. Граѓаните гледаат кој што работи и затоа одлучуваат кому да ја дадат довербата. Огромните инвестиции на ВМРО-ДПМНЕ се од една, а инвестициите еднакви на нула се на другата страна кај СДСМ.

Македонија и сега и тогаш имаше буџет. Каде завршуваа парите во времето на СДСМ? Дали во приватни бизниси или во нечии џебови?

Одговорот на ова прашање го даваат македонските граѓани на избори.

 

 

Оцени ја веста

07.03.2015 - 10:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега