Иванов: Европската унија вистински да ја обедини Европа

Европската унија не може да зборува во име на Европа сè додека не се обедини цела Европа, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во своето обраќање на одбележувањето на 25-годишнината од основањето на Европската академија на науки и уметности, што денеска се одржа во Салцбург, Австрија.

Пред членовите на оваа реномирана организација, Иванов повика Европската унија вистински да ја обедини Европа, преку членство и на земјите од регионот, соопшти Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

- Овде, во културната и интелектуална срцевина на Европа, ја повикуваме Унијата вистински да ја обедини Европа затоа што Унијата не може да зборува во име на Европа сè додека не ја обедини цела Европа, порача Иванов во обраќањето.

Претседателот Иванов истакна дека ние на Балканот сме уморни од чекањето, наспроти тоа што се тврди во Европа, дека ЕУ е уморна од проширувањето.

- Доколку тие се уморни од проширувањето, ние на Балканот сме навистина уморни од чекањето, бидејќи Македонија веќе 6 години добива позитивни препораки, но никако не може да добие одлука од Европскиот Совет да почне со преговорите. Сето тоа создава фрустрации во нашето општество и создава состојби со кои сега со соочуваме, посочи Иванов.

За време на престојот во Салцбург, претседателот Иванов се сретна со австрискиот претседател Хајнц Фишер, за кого македонскиот претседател вели дека се долги години заедно, дека се лични пријатели и разменуваат многу сознанија и искуства.

- На билатерално ниво имаме извонредни односи со Австрија. Многу австриски компании се присутни во Македонија, многу бизнисмени се задоволни од тоа што досега го направиле во економијата и трговската размена меѓу двете земји, изјави Иванов по средбата со Фишер.

Македонскиот претседател додаде дека австрискиот соговорник пројавил интерес за актуелните настани во Македонија.

- Претседателот Фишер пројави интерес за актуелните настани во Македонија, и сакаше да дознае лично од мене детали, бидејќи тие имаат информации кои ги добиваат преку Европската Унија и информации кои ги добиваат од своите амбасади. Сакаше да дознае детали и мое видување за актуелните настани во Македонија и кои се можните решенија за актуелната состојба, изјави претседателот Иванов.

 

 

Оцени ја веста

07.03.2015 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега