Македонските доктори ќе се усовршуваат во Нирнберг

 

Министерството за здравство потпиша анекс на веќе постоечкиот договор со Клиничкиот центар во Нирнберг. Претходно, договорот за соработка беше потпишан за време на посетата на Германија на министерот за здравство, Никола Тодоров.

Новитет во договорот со германскиот Клинички центар е што млади медицински кадри од земјава ќе одат на специјализација за повеќе области.

Кадрите од Македонија ќе можат во Нинберг да ја поминат целата специјализација или само половина од потребниот период.

Министерот Тодоров вели дека другата недела уште четири доктори заминуваат за Нирнберг. 

-Многу е важно што македонските доктори кои заминуваат таму работат рамо до рамо со познати специјалисти, со нивните колеги од Германија. На тој начин директно учат нов пристап, знаење и методи за оние области кои ги нема во Македонија. Главната цел на обуките е што поквалитетна здравствена услуга во Македонија, посочи Тодоров. 

Клиничкиот центар во Нирнберг се состои од 38 клиники и 5.200 вработени. Овој комплекс годишно опслужува 100.000 хоспитализирани пациенти и 95.000 амбулантски.Откако ќе ја завршат специјализацијата, македонските доктори имаат обврска минимум шест години да работат во македонска здравствена установа.

најчитано сега