Пешевски на Конференција за поддршка на Украина

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прaшања, Владимир Пешевски учествуваше на Меѓународната конференција за поддршка на Украина, која се одржа денеска во Олимпискиот национален спортски комплекс во Киев, Украина.

Како што соопштија од Кабинетот на вицепремиерот, тој ја истакна силната поддршка на Владата на Република Македонија кон граѓаните и Владата на Украина во процесот на реформи за нормализирање на економската состојба во украинското општество.

Пешевски посочи дека потполно ја разбира моменталната политичка и економска ситуација во Украина и дека меѓународната поддршка во оваа фаза е особено значајна, но она што е позначајно е Владата на Украина да ги преземе работите во свои раце и што е можно побрзо да изнајде решение за излез од економската криза.

Вицепремиерот Пешевски посочи дека Република Македонија во последните шест години има одлични економски резултати по спроведените реформи и дека за разлика од 2007 година, кога Македонија беше рангирана на 96 место од Светската Банка, денес во 2015 година таа е рангирана на 30 место, што е подобро од повеќе од половината земји членки на Европската унија. Во истиот тој период туризмот бележи двоен раст,  инвестициите и извозот на стоки се зголемени тројно, а конкурентноста на економијата само во 2014 година во однос на претходната година е подобрена за 10 позиции.

Зборувајќи за искуството од Република Македонија вицепремиерот Пешевски истакна дека вистинските реформи во Украина мора да ги рефлектираат потребите на граѓаните и позитивно да влијаат на животот на луѓето, но и на подобрување на условите за водење бизнис и за привлекување странски инвестиции во земјата.

- Реформите во Украина мора да се координираат и спороведуваат директно од Владата на Украина, користејќи ги искуствата пред се од домашните експерти, а политичкиот врв мора да биде подготвен на напорна работа, посветеност и одрекувања, со цел брзо изнаоѓање на најсоодветно решение за излегување од кризата, истакна вицепремиерот Пешевски.

Тој го заврши своето излагање нагласувајќи ја поддршката која Република Македонија и ја нуди на Украина, истовремено потенцирајќи ја отвореноста и подготвеноста на Владата на Република Македонија за споделување на своите искуства во процесот на реформи на Украина.

Целта на оваа Конференција е координацијата на меѓународната поддршка кон Украина и обезбедување на стабилен проток на информации помеѓу украинската администрација и земјите кои обезбедуват помош и поддршка.

За време на Конференцијата се дискутираа теми кои се однесуваат на постконфликтното обновување на Источна Украина,  бизнис климата и инвестициските можности во Украина, аграрните политики и реформите во оваа област, како и енергетска ефикасност.

На Конференцијата присуствуваа над 270 меѓународни претставници од органите на државната управа од 56 земји.

Конференцијата е организирана од Европската комисија и Владата на Украина. На конференцијата свои излагања имаа претседателот на Украина Петро Порошенко, Жан Клод Јункер претседател на Европската Комисија, Арсениј Јатсенук претседател на Владата на Украина,  Јоханес Хан еврокомесар за европска соседска политика и проширување, Џо Бајден потпретседател на САД, како и други официјални лица.

 

 

Оцени ја веста

28.04.2015 - 14:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега