Внатрешната контрола на МВР утврди: Акцијата во Куманово оправдана, основана и правилна

 

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР по изврешните проверки утврдил дека акцијата на полицијата во кумановската Дива Населба била извршена според утврден план, дека преземените дејства се основани, оправдани и правилни, како и дека приведувањето на лицата во акцијата било согласно законските норми. Во случајот со бегството на еден од приведените Секторот констатирал непрофесионалност кај полициските службеници кои го чувале и најавено е покренување дисциплински постапки.

Во врска со спроведената полициска акција на 9 и 10 мај во кумановската Дива населба, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР согласно законските надлежности извршил целосен увид и проверка по однос на основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на огнено оружје и употребата на средство за прислиба, како и по однос на задржување лица во Полициска станица, вклучувајќи го и случајот на бегство на едно од лицата лишени од слобода.

- Притоа констатирано е дека акцијата е спроведена  согласно детално изготвен план и анекси на планот, реализиран преку посебен штаб формиран за командување и координирање на акцијата на терен. Утврдено е дека на 9 мај околу 4:30 часот тимови од Одделот за посебни единици, заминале на терен со задача да влезат и да ги обезбедат претходно лоцираните објекти. Околу 5:10 часот, при приоѓање на објектите во “Дива населба“ во Куманово имало непосреден напад-дејствување кон полициските службеници со огнено оружје од различен калибар и минско-експлозивни средства од повеќе правци со што бил загрозен животот на полициските службеници. Бидејќи биле исполнети сите услови за употреба на средства за присилба согласно законската регулатива, а со цел одбивање на директен и непосреден напад со огнено оружје и минско-експлозивни средства врз полициските службеници, како и заради извлекување на ранети и загинати полициски службеници, по наредба на штабот било употребено огнено оружје, како и посебни видови на оружја, експлозивни средства и оклопни возила со кои располагаат единиците согласно формацијата, се вели во денешното соопштение од МВР.

Во него се додава дека по извршеното прегрупирање и прифаќање на тимовите од полициски службеници кои дополнително пристигнале од другите две локации и од полициската база, започнало совладување на просторот и објектите во кои била стационирана криминално-терористичката група која за цело време во континуитет дејствувала кон полициските сили. Од страна на припадниците на специјалните единици етапно, систематски биле совладувани позициите на криминално-тероростичката група се до нивно конечно неутрализирање на 10  мај 2015 година.

- Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарци  врз основа на извршените проверки и разгледување на целокупната службена документација изготвена од полициските службеница и утврдената фактичка состојба констатира дека при преземените дејствија во акцијата употребата на средства за присилба-огнено оружје од страна на полициските службеници е основана, оправдана и правилна и е во согласност со одредбите од Законот за полиција, се посдочува во соопштението.

Секторот оценил дека постапувањето на полициските службеници од посебните единици била нужна и неопходна употребата на средствата за присилба-огнено оружје, како единствена законска мерка кон криминално-терористичката група, кога сите други законски основи биле исцрпени, со цел да се одбие директниот напад врз нив од огнострелно оружје употребено од криминално-терористичката групација, а согласно член 89 од Законот за Полиција.

- Исто така, при употребата на огненото оружје кон криминално-терористичката групација, од страна на полициските службеници селективно е делувано кон истата, со цел да се постигнат минимални жртви, а максимална цел т.е. одбивање на нападот од себе и неутрализирање на групацијата, се вели во соопштението.

По однос на увидот во постапките за задржени лица во три полициски станици при СВР Скопје, констатирано е дека целокупната постапка на лишување од слобода и задржување на лицата поради постоење основано сомнение за сторен кривично дело по член 313 од КЗ на РМ, е спроведена согласно законските норми, односно согласно Законот за кривична постапка и согласно Законот за полиција.

- Лицата кои биле лишени од слобода и задржани во полициска станица веднаш биле известени за причините за лишување од слобода, како и за делото за кое се товарат, за правото на молчење, правото на информирање на семејството или друго лице, правото на бранител и правото на лекарски преглед. Исто така од страна на полициските службеници запазен е и законскиот рок на времетраењето на задржување на лицата и ниту едно од лицата нема наведено никаква забелешка во однос на постапувањето на полициските службеници за време на задржувањето во полициска станица, се подвлекува во соопштението.

Секторот извршил и проверка и на околностите на бегство на еден од приведените припадници на криминално-терористичката група при што било констатирано дека полициските службеници кои биле задолжени за чување и обезбедување на лицето лишено од слобода за кривично дело „тероризам“ во конкретниот случај постапиле непрофесионално и спротивно на полициската процедура во вакви случаи, оставајќи го лицето без неопходен надзор поради што истото ја искористило оваа состојба и избегало од лице место.

- Според тоа полициските службеници сториле потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидени во чл. 208 став 3 и 10 од Колективниот договор на МВР на РМ за што e поднесен предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност до надлежната Дисциплинска комисија, се вели во соопштението во врска со наодите поврзани со акцијата на полицијата во Куманово.

 

 

Оцени ја веста

09.06.2015 - 13:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега