Груевски: Нова историја во делот на поддршката на иновативните идеи

Претставници на 16 млади компании чии проекти беа избрани на првиот конкурс за кофинансирани грантови на стар ап и спин оф претпријатија и иновации, распишан од Фондот за иновации и технолошки развој, денеска ги потпишаа договорите со Фондот за нивна реализација во вкупна вредност од 458.700 евра.

Премиерот Никола Груевски, настанот, кој е прв од овој вид, го означи како испишување нова историја во делот на поддршката на иновативните идеи во Република Македонија.

- Моето лично задоволство пред се произлегува од мојата длабока убеденост дека развојот на иновативниот и претприемачки дух во Македонија е процес кој треба интензивно да се помага и поттикнува посебно затоа што тоа не било правено во минатото, а процесот е од големо значење за многу развојни сегменти во нашата држава. Овие процеси се особено важни, пред се, поради фактот што и по повеќе од 20 години од напуштањето на социјализмот, развојот на претприемачкиот дух и иновативниот пристап во нашата земја е се уште на едно релативно ниско ниво. Тоа не е присутно само кај повозрасните, туку и кај значително мнозинство на млади луѓе кои воопшто не го живееле времето на социјализмот, а сепак ги чувствуваат влијанијата од тоа време, истакна Груевски. 

Според него, се уште е широко распространет менталитетот на пасивна индивидуа и филозофијата дека најбитна е дипломата, а државата е таа која треба да најде соодветно вработување за таа диплома без будење на креацијата кај младите луѓе како самите да заработат, да направат бизнис, да се самовработат. Ова, додава, делумно е резултат на воспитанието пренесено од родителите, на образовниот систем во Македонија, кој иако во изминатите 20 години постепено се менуваше генерално ја занемаруваше праксата и поттикнувањето на креативниот потенцијал кај младите, но и на немањето слух и поддршка од страна на претходните влади кон поединци и фирми во делот на иновациите и претприемништвото.

- Целата оваа атмосфера ние како Влада решивме сериозно да ја промениме. Во изминативе неколку години преземавме  бројни мерки и кампањи и конкретни проекти за поттикнување на претприемништвото и иновативниот дух кај населението, да го  разбудиме креативниот дух кај младите, да ги поттикнеме да бидат похрабри, да веруваат во себе и да го искористат максимумот од своето знаење, вештини и идеи, рече премиерот Груевски.

Во тој контекст ги наведе бројните измени во наставните содржини за основно и средно образование, воведување комплетно нови наставни програми по предмети поврзани со претприемништвото, бизнисот и иновациите, донесувањето национална стратегија за претприемачко учење, како и донесувањето Закон за иновации чиј составен дел е и формирањето  на Фондот за иновации и технолошки развој како централна институција за развој и спроведување на националната политика за иновации и технологии. 

- Вашите проекти се одличен пример дека Македонија располага со моќни умови, храбри луѓе и со силна база на креативен и иновативен потенцијал. Се надева оти со овој прв оглас преку Фондот за иновации и технолошки развој ја раздвиживме базата на креативен  и иновативен потенцијал со која Македонија располага, додаде премиерот и најави дека до крајот на годинава е планирано преку ФИТР да се распише уште еден повик за поддршка на иновативни проекти. Вкупниот буџет за 2015 година за оваа намена изнесува 2 милиони и 280 илјади евра, а до крајот на 2017 година  вкупно 10 милиони евра за поддршка на овој вид проекти. 

Директорката на Фондот Јасмина Поповска изрази задоволство од интересот, бројот на апликации, како и од иновативноста на пристигнатите предлог-проекти на првиот распишан повик за кофинансирање грантови на старт ап претпријатија и иновации.

- Ова беше препознаено и од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции составен од меѓународни експерти кои ја донесоа одлуката за финансирање. Успехот се должи и на добрата соработка со партнерите на Фондот - претставниците на Светска банка, стопанските комори, универзитетите и општините, рече Попоска.

Оваа поддршка многу значи за 16- те фирми кои беа избрани за финансирање.

-Оваа поддршка е многу значајна за старт-ап компаниите во Македонија и ќе им овозможи да се фокусираат повеќе на развој на производи и иновации, отколку да се работи само на аутсорсинг. Нас ќе ни помогне многу да го забрзаме развојот и промоцијата на нашата платформа EmbedSocial, истакна Никола Бојков од компанијата Ебизнис.

-Средствата ќе ги искористиме за развој на апликацијата. Ние сме мала компанија со ограничени ресурси за развој и истражување, така што овие средства се добредојдени да профилираме еден продукт и да се обидеме поагресивно да настапиме на светскиот пазарБојан Ѓуричиќ, ко- сопственик на Идекс системи.

Во втората половина од оваа година ќе биде објавен и втор повик за сите инструменти на Фондот со расположлив буџет во износ од милион и 680 илјади евра.

Платформа за навигација и известување во затворени простории, микропроцесорко управување на печки на пелети, изработка на интелигентни лежечки полицајци, системи за домашна автоматизација се дел од 16 - те проекти  кои се избрани на првиот повик на Фондот за кофинансирани грантови на старт ап и спин оф претпријатија и иновации. 

 

 

Оцени ја веста

22.06.2015 - 15:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега