Потполковник Минева е новиот командант на Воено медицинскиот центар

Пред командата на бригадата за логистичка поддршка (брЛП) во Скопје денеска ќе се одржи свеченост по повод примопредавањето на должноста командант на Воено медицинскиот центар (ВМЦ). Должноста командант на ВМЦ од полковникот Душан Стојановиќ ќе ја прими потполковник Ирена Минева.

На свеченоста, како што е најавено, ќе присуствуваат началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, командантот на Здружената оперативна команда бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, командантот на брЛП полковник Кенан Рахиќ, претставници од министерството за одбрана и ГШ на АРМ, командантите на потчинетите единици на брЛП и други гости.

ВМЦ се наоѓа во организациско-формациската структура на брЛП  како единица во ранг на баталјон и претставува носител на медицинското обезбедување на АРМ, со главна мисија за зачувување и унапредување на здравјето првенствено на припадниците на АРМ. Во рамки на ВМЦ се врши подготовка на медицинскиот персонал на АРМ за учество во мисиите предводени од НАТО и ЕУ, како и реализацијата на партнерската цел за формирање на мобилна полска болница за медицинска поддршка на АРМ.

Прв пат во историјата на АРМ, од денеска офицер на АРМ од женскиот пол, ќе командува со единица од ранг на баталјон, што значи соодветен придонес кон изградбата на половата еднаквост во АРМ, но и можностите за градење успешна професионална кариера за жените кои се во редовите на Армијата.     

Потполковник Ирена Минева во АРМ е од 1998 година и како офицер на Санитетската служба, успешно извршувала повеќе должности, од началник на одделение за медицинска поддршка до командант на Лесна маневарска болница. Учествувала во голем број меѓународни вежби, во медицинскиот тим на АРМ во мисијата „АЛТЕА“, а за беспрекорната работа и професионалниот однос кон работата, повеќе пати е наградувана. 

 

 

Оцени ја веста

27.08.2015 - 09:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега